Да седнеше Џеф Безос – најбогатиот човек на планетата, некаде на планина точно пред една година (на 3 јули) и да прекинеше секаква комуникација со светот, но да продолжеше да го следи своето богатство и Индексот на милијардери на Bloomberg, немаше да има појма дека во светот има пандемија и дека економиите се руинирани. А богами, немаше да знае ниту дека се развел.
Имено, и покрај овие две малечки непријатности, Џеф Безос штотуку го сруши сопствениот рекорд за „најбогат човек на светот“ поставен пред да се разведе и сега вреди речиси 172 милијарди!
Безос и неговата поранешна сопруга Мекензи се разведоа лани на 5 јули, после 25 години брак. Како компензација, Мекензи доби 25% од заедничките акции во Amazon, што е удел од околу 4% во компанијата.
Голем дел од богатството на Безос е врзано со Amazon. Тој поседува грубо околу 57 милиони акции, или 12% од компанијата. Нивната вредност порасна за 56% од пред една година до денес. На Amazon ѝ се посреќи со огромен пораст на онлајн купувањето, што е резултат на пандемијата на коронавирусот и карантинските мерки, но и на протоколите за пазарење во физичките продавници (намален број купувачи, чекање редови на растојание).
Како благодарност, компанијата неделава најави „Ви благодариме“ бонус од вкупно повеќе од 500 милиони долари за вработените во Amazon (откако на крај на мај им скратија повишување од 2$ на час и дупли надомест за прекувремена работа).
И уште нешто, бившата сопруга на Безос исто така сруши рекорд. Со нејзините 4% во Amazon, таа сега вреди 57 милијарди, а тоа ја прави 12-те најбогат човек на светот! Имено, во последната година се збогатила за близу 20 милијарди, според евиденцијата на Bloomberg.
Ако од бројкиве добивате вртоглавица, не сте единствени. Човечкиот ум ретко може да визуелизира вакви бројки. Во еден стар текст, се обидовме да ви доловиме колку всушност е една милијарда. Не 172, не 57 милијарди, туку една. Ако сакате вистински да се шокирате, повелете ТУКА.