Ниту Мајк Д’Антони не успева да ги спои коцките во мозаикот наречен Лос Анџелес Лејкерс, откако „езерџиите“ го загубија и четвртиот натпревар во низа, па наместо атак на врвот на табелата, имаат скор од очајни девет победи и четиринаесет порази. Овојпат избраниците на Д’Антони налетаа на неговиот поранешен клуб, Њујорк никс, и сосема заслужено беа поразени со 116-107 во меч во кој што лејкерси на моменти губеа и со 26 поени разлика.
Најзаслужен за големата победа на Њујорк, деветта на деветтиот меч во „Медисон сквер гарден“ сезонава, беше Кармело Ентони, кој што одигра феноменално во првата четвртина, постигнувајќи дури 22 од своите 30 поени. Неговиот краен ефект сигурно ќе беше уште поимпресивен доколку Ентони поради повреда на зглобот на левата нога не го напуштеше теренот. Лејкерси го искористија тоа за да ја намалат огромната негатива, но сепак немаа ниту време, ниту пак сили за целосен резултатски пресврт.
„Секогаш кога играм против лејкерси сум максимално мотивиран. Ова немаше врска со поранешниот тренер Д’Антони, едноставно сакав да дадам се од себе за да останеме непоразени на домашен терен. Ни самиот не очекував да одиграм така добро во првата четвртина, но навистина уживав на теренот. Ногата се уште ме боли, па не знам дали ќе можам да играм в сабота“ – изјави Кармело веднаш по големиот триумф.
Портланд славеше над Сан Антонио спарс со 92-90 благодарение на 29-те поени на дебитантот Лилард, додека Атланта рутински ја одработи работата против Шарлот славејќи со 113-90.