НБА: Минесота ја прекина седумгодишната доминација на Атланта

Никола Пековиќ го предводеше ослабениот тим на Минесота до победа над Атланта од 108-103 со што конечно ја прекина седумгодишната доминација на овој тим во меѓусебните дуели од НБА лигата.

Поранешниот центар на Партизан постигна 25 поени плус дополнувајќи и личен рекорд од 18 скока со што го покри отсуството на првата ѕвезда на тимот, Кевин Лав кого во последно време постојано го пратат повреди. Главна поддршка на Пековиќ му беше Русинот Андреј Кириленко со 21 поен, шест скока и пет асистенции, а се истакнаа и адутите од клупата, Рики Рубио и Дерик Вилијамс.

Хјустон Рокетс, пак, му нанесоа нов пораз на ЛА Лејкерс, четврти едноподруго со 125-112. Џејмс Харден со 31 поен беше најистакнат поединец во домашната екипа а го следеа Џендлер Персонс со 20 и Џереми Лин со 19 поени. Гостите настапија ослабени без Двајт Хауард, По Гасол, Стив Блејк и Џордан Хил, а по малку неочекувано Мета Ворлд Пис беше најефикасен со 24 поени, додека Коби Брајант застана на 20 поени.

Индијана со одлична одбрана предводена од Пол Џорџ му нанесе пораз на Мајами од 87-77. Џорџ му беше директен ривал на Леброн Џејмс на овој меч надминувајќи го најдобриот светски кошаркар, со постигнати 29 поени и 11 скока, наспроти оние на Џејмс со 22 поени, 10 скока, четири асистенции и дури седум изгубени топки. Кај Мајами Двејн Вејд беше прв стрелец со 30 поени, а Крис Бош постигна 14 поени.

Резултати: Индијана – Мајами 87-77, Филаделфија – Бруклин 89-109, Хјустон – ЛА Лејкерс 125-112, Милвоки – Феникс 108-99, Минесота – Атланта 108-103.

- Реклама -