Чудни сеизмички бранови кои ја обиколија планетата ги оставија научниците, пред сé – геолозите и сеизмолозите, сосема збунети. „Земјотресот“ е забележан на 11 ноември, со епицентар во Индискиот океан во близина на островите Мајоти кој се наоѓаат меѓу Мадагаскар и Мозамбик.
Потресите на тоа подрачје не се невообичаена појава, но овојпат научниците ги интригира фактот што сеизмичките бранови имале ниска фреквенција и се почуствувани и на другата страна на светот, од Нов Зеланд па до Канада. Сеизмографите (мерните инструменти кои ги мерат и бележат движењата на тлото при сеизмичка активност) вибрации забележале и на Хаваите.
„Немам видено ништо слично“
Мистерија за научниците е и што точно го предизвикало земјотресот од ваков вид; дали е предизвикан од вулканска активност, или, на пример, од удар на метеорит.
„Немам видено ништо слично“, вели сеизмологот Göran Ekström од Универзитетот Колумбија. „Признавам дека сеизмичките бранови се многу необични, но тоа не значи дека потресот го предизвикало нешто што ни е сосема непознато и егзотично“, додава тој.
Геолози од разни делови на светот на друштвените мрежи споделија и свои мерења, во кои исто така е забележана активност со ниски фреквенции. Меѓу првите се јави Jamie Gurney, основач на билтенот Earthquake Bulletin:
https://twitter.com/UKEQ_Bulletin/status/1061616756890976257
Наскоро му се приклучи и геологот Антони Ломакс, според кого епицентарот на сеизмичката активност бил источно од островот Мајота.
SBV, like the other stations, shows long monochromatic signal with ~17s period (mono-freq Rayleigh waves?). But filtered above 1Hz SBV (lower plot) also shows seismic(?) signals from repeating sources, with some ~50s apart. Maybe some large, shallow, oscillating volcanic source? pic.twitter.com/bPqdQFwAgm
— Anthony Lomax 🌍 🇪🇺🇺🇦 (@ALomaxNet) November 11, 2018
За сеизмолозите посебно е интересен фактот што сеизмичките бранови имале ниска фреквенција, особено што иако истите биле забележани од мерните станици, тоа утро немало земјотрес во класична смисла на зборот, кој би ги предизвикал таквите бранови.
Како изгледа класичен земјотрес
Земјотресите обично од хипоцентарот почнуваат да се шират со збиени лонгитудинални т.е. примарни P-бранови. Подоцна ширењето продолжува со трансверзални т.е. секундарни S-бранови. Овие вторите се помалку збиени, побавни од P-брановите, и вибрираат нормално (вертикално) во однос на правецот на ширење. Овој тип бранови има високи фреквенции.
Дури на крајот доаѓаат брановите со ниска фреквенција, како оние забележани кај островот Мајота. Поради ниската фреквенција, таквите бранови можат, вибрирајќи како ѕвоно, неколкупати да ја обиколат планетата.
Но најнеобичното кај брановите со ниска фреквенција регистрирани на 11 ноември е токму тоа – што не им претходеле примарни и секундарни бранови.
Геолозите се збунети и не можат да објаснат (барем засега) што би можело да предизвика потрес кој се манифестира само со сеизмички бранови со ниска фреквенција. Во моментов најдоброто објаснување на геолошката заедница е дека се работело за таканаречен „сеизмички рој“, т.е. збир од истовремени помали потреси без конкретен почетен ударен шок.