Научниците развија систем што апсорбира CO2 многу побрзо од растенијата

r137175_466271[1]

Обично кога зборуваме за опасно високото ниво на јаглероден диоксид во атмосферата на Земјата, логиката нé наведува кон тоа да размислуваме околу начини како воопшто да го намалиме нивото на CO2 во воздухот.

Во борбата со карбон футпринтот на човештвото, се разбира, голема улога има и живата вегетација. Растенијата „неутрализираат“ околу 25% од емисиите, кои преку фотосинтезата ги претвораат во енергија која им е неопходна за да опстанат. Проблемот (*нашиот проблем) со природната фотосинтеза е што тој процес е многу бавен и „неефикасен“. Но што ако можеме да го забрзаме?

Токму тоа е идејата зад една нова студија на германските истражувачи, кои развија синтетички систем со кој можат да инкорпорираат CO2 во органските соединенија. Системот се нарекува јаглеродна фиксација (carbon fixation), и е драматично побрз и енергетски поефикасен од тој на природата.

Кога растенијата апсорбираат јаглерод, за време на таканаречениот Калвинов циклус (втората фаза од фотосинтезата), ензимот наречен RuBisCO помага да се катализира реакцијата што го претвора јаглеродниот диоксид во глукоза, која растенијата потоа ја користат како извор на енергија. „Пречката“ тука, според главниот истражувач Тобијас Ерб од Макс Планк институтот, е дека RuBisCO самиот по себе е бавен, и со тоа го забавува целиот Калвинов процес. Не само што е бавен, туку е и подложен на грешки, додава Ерб. Често се случува да потфрли – отприлика секој петти обид RuBisCO го помешува јаглеродниот диоксид со кислород, што дополнително ја забавува апсорбцијата на јаглерод.

За да видат дали можат да создадат подобар вештачки систем, Ерб и тимот разгледале каталог од 40.000 досега познати ензими, од сите сфери на живиот свет. Некои се од човечкото тело, некои од цревните бактерии, некои од растенијата, а некои од микробите што живеат во океаните или на површината на растенијата.

Од целата таа селекција, научниците идентификувале 17 различни ензими од 9 различни организми, и од нив создале систем од 11 чекори кој ефективно го копира ефектот на Калвиновиот циклус, но со далеку посупериорни резултати.

Овие ензими припаѓаат на групата наречена ECRs, и го отвараат патот кон нов вид на органски систем за апсорбирање на јаглерод, кој е скоро 20 пати побрз од RuBisCo.

Досега системот е тестиран само во лабораториски услови, па тешко е да се прогнозира колку ќе биде побрз во апсорбирање на атмосферскиот јаглерод, т.е. на терен. Ерб проценува дека има потенцијал да биде два до три пати побрз од растенијата, иако прифаќа дека сé во моментов е шпекулација. Окритието го смета само за доказ за ефикасноста на принципот, и ­притоа истакнува дека трансплантацијата на таков нов систем во живите организми, како што се алгите или растенијата, е сосема друг предизвик.

Но, ако научниците успеат некако да го инкорпорираат во живите организми, или во некаков друг вид на јаглерод-апсорбирачки организам, тоа еден ден може да значи елиминација на голем дел од молекулите во атмосферата кои ја заробуваат топлината од штетните емисии на човештвото. А тоа ни е и тоа како потребно.

 

- Реклама -