Дури и научниците што го открија ова се доста збунети – времето всушност се движи и наназад, како што се движи нанапред. И не, не се работи за некаква теорија, туку аргументиран лабораториски експеримент.
Научниците од универзитетот Вашингтон велат дека ова се случува само на екстремно мало квантно ниво, но фактот останува – промените во иднината на квантната честица влијаат и на нејзината состојба во минатото. Ефектот е мерлив, и вистински.
Професорот Катер Мурч вели: „Потребни се 20-30 минути да се изврши еден ваков експеримент, неколку недели да се соберат податоците и цела година да се анализираат тие наоди и да се утврди дали сме луди или тоа што го гледаме навистина постои“. Научниците велат дека понатамошни истражувања се потребни за да се утврди зошто истото не се случува и на човечката временска скала, т.е. зошто нашите идни одлуки не влијаат врз нас сега, во овој момент.
До откритието, научниците дојдоа играјќи „игра на погодување“, користејќи мали микробранови фотони во внатрешноста на микробранова кутија оладена речиси до апсолутна нула. Тие заклучија дека „предвидувањето“ на нивните погодоци во однос на состојбата на честичката работи и нанапред и наназад во времето. Тоа алудира на заклучокот дека времето, на квантно ниво, оди и во двата правци.
Проф. Мурч дополнува: „Не е јасно зошто во реалниот свет, светот направен од многу честици, времето оди само напред и ентропијата постојано се зголемува. Но, многу луѓе работат на овој проблем и очекувам дека ќе биде решен за неколку години“.