Според резултатите од новото истражување спроведено од вселенскиот центар Годард на НАСА, и понатаму се емитуваат големи количини хемикалии одговорни за исчезнување на озонската обвивка на Земјата, пренесува Huffington Post.
И покрај склучениот договор во Монтреал, со кој се ограничува употребата на хемикалии кои го уништуваат озонот, и понатаму се ослободува јаглерод тетрахлорид.
Според атмосферскиот научник Кинг Лианг, ова не треба да се случува.
„Не треба да го гледаме ова што сега го гледаме. Јасно е дека постојат неидентификувани индустриски исфрлања, големи емисии од контаминирани локации или непознати извори на јаглерод тетрахлорид“, изјави тој.
Озонот во стратосферата ги штити живите организми од штетното ултравиолетово зрачење. Со слабеењето на озонската обвивка луѓето и живиот свет би биле поизложени на овие штетни зрачења кои предизвикуваат различни заболувања.
Одредено количество хемикалии создадоа озонска дупка над Антарктикот, која за прв пат беше забележана во 1985 година. Иако состојбата на озонската обвивка се има подобрено по донесувањето на протоколот во Монтреал, сепак дупката до денес постои.