Научниците: Ако сакате помалку пожари, треба да запалите повеќе пожари

Ако Калифорнија сака да го реши својот проблем со шумските пожари, научниците го имаат одговорот како. Но малку е парадоксален – да се запалат повеќе шумски пожари.

Децениските истражувања покажуваат дека поттикнувањето пожари во безбедни/контролирани услови, освен што ги чисти шумите од мртвите растенија и грмушки кои ги распламтуваат огновите, го обновува и природниот процес кој некогаш ги одржувал шумите здрави и отпорни.

Советот е во најмала рака „комплициран“, бидејќи и контролираните/намерни и неконтролираните/случајни пожари се неизбежно опасни. Сепак, според експертите, предностите натежнуваат врз ризиците.

И научниците и управителите на шумите се сложни околу важноста на редуцирање на запаливиот материјал во пространите калифорниски шуми. Се сложуваат и дека најдобрата алатка се токму пожарите.

„НИ ТРЕБА ПОВЕЌЕ ОГАН“

„Мораме да сфатиме дека на природата ѝ е потребен повеќе оган, а не помалку“, истакнува Кели Мартин – шефица на противпожарните служби од националниот парк Yosemite.

Некои пожари сигурно ќе се случат, предупредуваат научниците, но прашањето е: Дали повеќе ги сакаме тие кои можеме да ги контролираме, или тие кои не можеме?

До почетокот на 19. век, кога во Калифорнија почнале да стигнуваат доселениците, големи делови од таа сојузна држава имале многу повеќе пожари од денес. Природните пожари непречено гореле, а домородното население намерно ги предизвикувало пожарите за да го редуцира ризикот во иднина. Воедно со тоа го поттикнувале и растот на посакуваните растенија, како што тоа го правеле и нивните претци во текот на илјадници години.

Така, Калифорнискиот екосистем се развил во насока не само да ги издржува пожарите, туку и да зависи од нив. Тогаш прсти вмешала сојузната влада, која во почетокот на 20. век почнала да ги гаси пожарите што побрзо можела.

Управителите верувале дека со гасењето на пожарите го штити и населението и шумите. Неколку децении тоа било и вистина. Но, со текот на времето планот им го нарушила природата, посебно во иглолисните шуми навикнати да горат на секои 20 години, а кои станувале сé погусти со секој прескокнат циклус.

Потоа дошле сушата, инсектите кои ги убиваат дрвата, климатските промени и растот на населението, а последиците ги гледаме денес – катастрофалните пожари кои ја потаманија Калифорнија.

- Реклама -