Научници од Оксфорд нашле коска што можеби му припаѓа на Свети Никола

По анализата на примерокот со помош на радиоактивен јаглерод, тимот научници од Оксфорд предводени од Том Хигам, утврдиле дека коската потекнува од 4-от век, кога починал и Свети Никола (околу 343 година).

„За разлика од бројните други реликвии за кои се тврди дека му припаѓаат на Свети Никола, а подоцна е покажано дека не потекнуваат од тоа време, ова парче коска покажува дека би можело да станува збор за останки на самиот Свети Никола“, наведува Хигам.

Според легендата, христијанскиот светец бил богат човек кој бил познат по својата дарежливост, а токму тоа е и инспирацијата зад приказната за Дедо Мраз како човек што дарува подароци за Божиќ. Во православниот календар Свети Никола се слави на 19-ти декември, и како што веќе знаете, тоа е една од најголемите слави меѓу православните Македонци.

Свети Никола живеел во градот Мира (денешно Кале, во Турција), а најголемиот дел од неговите мошти од 1087 година се чуваат во базиликата Basilica di San Nicola во Бари, Италија. Во меѓувреме фрагменти од неговите коски имаат набавено и многу други цркви ширум светот, а се смета дека 500 од нив се чуваат во Венеција. Што се однесува до делот од карличната коска која ја анализирале научниците од Оксфорд, му припаѓа на еден свештеник од Илиноис, САД – Денис О’Нил.

Сега останува анализираната коска да се спореди со тие во Бари и Венеција за да се види дали потекнуваат од истата индивидуа, велат научниците од Оксфорд. Тоа може да се направи со помош на палеогеномика, или ДНК тестирање.

 

„Возбудлива е помислата дека овие реликвии, кои датираат од така древно време, може да се автентични“, велат од тимот.

- Реклама -