Анатолиј Бручков е навидум обично добродушно човече со седа коса и радосна искра во насмевката. Она што никој не би го претпоставил е дека Бручков е научник кој си има инектирано 3.5 милиони години стара бактерија, нормално, за да види што ќе се случи.
Неговото поле на специјалност е пермафростот, т.е. неговата професија е геокриолог, а моментално предава на Државниот универзитет во Москва. Да, не само што е жив, туку и вели дека се чувствува и повеќе од одлично – немал настинка или грип повеќе од две години (откако ја примил бактеријата), а се чувствува и поодморен од порано. Сепак, тој е научник, па не гарантира дека инектирањето на бактеријата е нужно поврзано со позитивните промени, но истакнува дека би било фино неговиот експеримент да се земе во предвид.
Се работи за бактеријата Bacillus F, која Бручков ја има екстрахирано од еден примерок од пермафростот на „Планината на мамутите“ во северниот сибирски регион Јакутск, во 2009-тата. Тој смета дека пермафростот не само што е идеален за презервација, туку е идеална средина за живот на Bacillus F, каде бактеријата е способна да опстане вечно. Според него, Bacillus F располага со скриен механизам што и овозможува да преживее со милениуми и смета дека тој ист механизам би можел да биде искористен за продолжување на човечкиот живот, можеби дури и до бесконечност. Во тестовите, бактеријата им овозможила на женските глувци да раѓаат на многу постара возраст отколку кај типичните глувци. По изложување на бактеријата, „позитивен ефект“ бил регистриран и кај „овошните“ мушички. Генерално, се чини дека Bacillus F го подобрува имунитетот кај животните.
Проблемот е што Бручков, како и другите научници, не знае кој е всушност тој механизам.
Тој не е единствениот што ги анализира древните бактерии извадени од смрзнатите длабочини на најсеверните региони на светот, но е еден од малкуте што тоа го прави мотивиран од потрагата по вечен живот. Сеедно, овие антички вируси се неверојатно комплексни, со стотици и стотици протеински-енкодирани гени. Грипот од тип А, за споредба, има 8. Следствено, многу малку знаеме за нив.
Сепак, Бручков се надева дека ќе успее да го најде клучот за вечен живот, или барем дека ќе го забрза процесот. За него, животот ваков краток каков што го имаме е небаре бесмислен. Неговиот сон е на луѓето да им обезбеди слободен избор и шанса, да им даде алатка, со која ќе можат да си го продолжат животот колку што им е желба, било да се работи за години или векови.
Јас пак, гледам во смогот низ мојот прозорец во срцето на Скопје и му држам палци.