И покрај отпорот од колегите во научната јавност, професорот и директор на одделот за астрономија на универзитетот Харвард – Ави Леб, продолжува да се држи до неговата теорија дека меѓуѕвездениот објект наречен Oumuamua, кој поминува низ нашиот Сончев систем – е дел од вонземска технологија, т.е. вонземски вселенски брод. На критиките на останатите научници одговара дека тие ја изгубиле својата „детска љубопитност“ и се премногу исплашени за да се доведат во ситуација да згрешат (за разлика од него).
Во интервју за Chicago Tribune, Avi Loeb најави и дека работи на равенка што ќе докаже дека чудниот меѓуѕвезден објект Oumuamua, кој моментално ја минува орбитата на Јупитер, е дел од вонземски брод.
Тој смета дека Oumuamua не е комета или астероид, како што сугерираат неговите колеги, туку „светлосна едрилица“ која била дел од „напредна технолошка опрема“. Леб истакнува дека објектот се движи премногу брзо за да се работи за инертно парче камен. Движењето на Oumuamua е како некој да го турка одзади, тврди тој. Леб не е уверен ниту дека се работи за комета, бидејќи, вели, опсервациите на објектот досега не откриле ништо што би наликувало на „опашка“.
Леб исто така смета дека мејнстрим сликата (оваа горе) за Oumuamua, на која е претставен како „издолжен компир“, е всушност погрешна. Според астрономот, всушност се работи за објект долг 1 километар со дебелина од 1 милиметар (да, милиметар), кој всушност е издолжено „едро“ кое е толку лесно, што може да ги „фаќа“ сончевите зраци и да ги користи како „ветер“ за да го движат понатаму во вселената.
„Гледаме дека иако многу тенок, таков објект може да патува меѓугалактички дистанци, одржувајќи го својот моментум и одолевајќи на колизиона деструкција од честиците прав и гасовите, како и на центрифугалните и тидалните (гравитациско-издолжувачки) сили“, пишуваат Леб и коавторот Шмуел Биали во извештајот за Oumuamua објавен во Astrophysical Journal Letters.
Досега останатите научници не успеваат да ја одредат точната форма на објектот поради неговата комплексна ротација, но сугерираат дека се работи за камен со форма на пура.
Многу од колегите на Леб го обвинуваат дека турка теории во кои и самиот не верува и дека „запливува“ во сензационалистичка наука од погрешни мотиви. Леб, пак, вели дека ако му било до популарност, досега ќе престанел да ја турка теоријата (за теоријата се зборува најмалку една година, па Леб веќе одамна ја има „популарноста“). Наместо тоа, тој ги повикува критичарите да приложат аргументи што ќе ја побијат неговата теорија. „Ако некој ми покаже докази за спротивното, веднаш ќе отстапам“, изјави тој за Washington Post.
Необичниот објект првпат беше забележан во 2017-та од тим астрономи кои оперираат со телескопот Pan-STARRS 1 на Хаваи. Oumuamua е досега првиот потврден објект од друга галаксија кој влегол во нашиот Сончев систем. И самото име на хавајски означува „посетител од далеку стигнува прв“.
Едно од нештата што научниците не можат да го објаснат околу Oumuamua е тоа што се чини дека забрзува додека патува сè подалеку од Сонцето. Тоа не би требало да се случува со тело кое би било астероид, па тоа е и дел од причината што Леб смета дека се работи за светлосно „едро“.
Уште по нешто за Oumuamua, прочитајте ТУКА.