Секој знае дека водородот е наједноставниот гас кој постои. Но веќе повеќе од еден век научници тврдат дека е возможно водород да се трансформира во метал. Сега двајца германски научници тврдат дека успеале, иако скептиците уште се сомневаат.
Кон крајот на деветнаесеттиот век хемичари посочиле дека водородот, кој се наоѓа на врвот од алкалните метали во периодниот систем би требало да може да создаде метал. Физичарите Јуџин Вигнер и Хилард Бел Хантингтон во 1935 година предвиделе дека водородот би требало да стане цврст метал во доволно висок притисок – околу 25 гигапаскали – но експериментите кои биле извршени подоцна во таков притисок не покажале никакви траги на трансформација во метал.
Понови експерименти, кои достигнале притисок над 100 гигапаскали и температури во регионот на абсолутна нула, создале траги на транзиција во метал, но резултатите генерално биле неконкретни. Предизвикот на создавање метален водород е привлечен, делумно бидејќи има потенцијал за некои возбудливи апликации. Некои веруваат дека студии на материјалот би можеле да водат кон суперспроводници на собна температура, што би овозможило трансфер на енергија без никаква загуба. А ако се покаже како метастабилен, метален водород – кој е далеку погуст од нормален водород – би можел да биде ефикасно ракетно гориво.
Михаил Еремец и Иван Тројан од Макс Планк Институтот за Хемија во Мајнц сега веруваат дека се првите кои понудиле дефинитивен доказ за метален водород. Тие кондензирале водород во дупка на диктон од алуминиум-епокси, поставен во внатрешноста на дијамантска наковална. Тие можеле да ја мерат трансмисијата на светлина со ласер насочен низ дијамантот и во дупката на диктонот, и отпорот преку електроди на дијамантската површина.
На собна температура и 220 гигапаскали, истражувачите откриле дека водородот очигледно ја губел својата проѕирност и добивал електронска спроводливост. Потоа, спуштајќи ја температурата на 30 келвини и притисок над 260 гигапаскали, тие забележале дека отпорот пораснал за околу 20 проценти пред да се изедначи. „Откривме дека водородот спроведува до најниската измерена температура од 30 келвини и дека отпорот е речиси независен од температурата, како што би требало кај металите“ изјавиле Еремец и Тројан.
За Еремец и Тројан овој ефект – суптилно зголемување па изедначување на отпорот кон ниски температури – е карактеристика на металите. Но, Артур Руоф, научник за материјали од Корнел Универзитетот во Њујорк и еден од лидерите во потрагата по метален водород, верува дека нормалните карактеристики на метал би биле подрастични: зголемување на отпор, не од 20 проценти туку од 4000 проценти. Тој исто така се сомнева дека водородот би можел да реагира со епокси материјалот во диктонот, што би значело дека резултатите потекнуваат од водородно соединение. Тој додава: „Има толку многу прашања“.
Вилијам Нелис, уште еден лидер во потрагата по метален водород од Харвард Универзитетот, се согласува дека има неодговорени прашања, вклучително и дали диктонот би можел да стане спроводлив и рефлективен при висок притисок. „При историјата на ова поле, Еремец и Тројан имаат посебна одговорност за да им демонстрираат на нивните колеги дека всушност успеале да создадат метален водород“ изјавил тој. „Според мое мислење оваа демонстрација се уште не е остварена.“ [Chemists claim metallic hydrogen creation first]