БРИСЕЛ – Британскиот конзервативен европратеник Сајед Камал се извини откако на седница рече дека нацизмот бил „левичарска идеологија“.
„Морате да имате во предвид дека нацистите биле национал-социјалисти, огранок на социјализмот, затоа да престанеме да се преправаме – тоа е левичарска идеологија“, изјави Камал обраќајќи се кон социјалистичките европратеници, како одговор на претходен говор на германскиот европратеник Удо Булман – лидер на Прогресивната алијанса на социјалисти и демократи, во кој Германецот рече дека „десничарскиот национализам и екстремистите“ ја „поткопуваат Европската Унија“.
Кога одговорот на Камал предизвика очигледно незадоволство и бурна реакција, Камал долеа масло на огнот: „Не ви се допаѓа вистината, нели?“.
Сепак, подоцна пратеникот наведе дека „директно и безусловно му се извинил“ на шефот на социјалистичката пратеничка група. Потоа се огласи и на Твитер, каде наведе дека неговата изјава не била упатена кон никого конкретно, и дека тој има „најголема почит кон секој кој се спротивставил и борел против нацизмот, комунизмот и било кој друг екстремизам“.