Наташа Дукоска: Лефти и Рајти ќе оживеат во анимиран филм, мотивот ми е поубаво обликување на детскиот свет

Многугодишното искуство на Дукоска во областа на комуникациите и адвертајзингот и неизмерната љубов кон фантазијата и детскиот свет се приближно формулата од која се родија „Лефти и Рајти“, за како што вели таа да помогнат во создавање на посреќни деца а подоцна и возрасни кои ќе можат да ја обојат и разиграат оваа веќе се посива и многу сериозна планета. 

Трн: Публикувањето на сликовницата со ликовите Лефти и Рајти, облеките кои зборуваат и истовремено едуцираат,  за краток период ги освои децата. Ликовите оживеаа и во детска претстава. Како го креиравте светот на Лефти и Рајти?

Наташа: Да, замислете си како во светот на облеките, облеките живеат, седат во плакарот, си раскажуваат што им се случило доколку излегле тој ден, некои од нив има и што спортуваат, други се за „фрцкање” само за родендени и свечени прилики. Сите тие имаат различни перспективи и карактери. Најдоброто нешто е што на децата ги освои овој нов свет. Тоа е најдобриот дел! Лефти и Рајти си имаат свои обожаватели и самата перспектива дека облеките треба да се чуваат и да се диплат, како што слушнав од родителите, веќе функционира.

Трн: Во време на брза технологија која за жал е присутна во животот на децата од најрана возраст, колку може и мора да се влијае на детскиот развој со похумани медиуми, како сликовници, претстави. а истовремено да се следи некој актуелен интерес што може да им го задржи вниманието?

Наташа: Преку приказни и изградени ликови во целост, пред децата се отвора еден бесконечен нов свет. Се буди фантазијата а креaтивноста се стимулира. Се разбира тоа значи продлабочување на детските виуги потребни за кое било креативно решавање на проблеми или критичко размислување. Мултимедијалниот пристап е неизбежен и потребен, затоа и посакував анимирање на целата приказна, преплетена со креативност, хумор и авантура.

Трн: За што зборуваат Лефти и Рајти, односно на кој начин ги насочуваат децата да размислуваат хумано, праведно?

Наташа: Лефти и Рајти зборуваат за другарство, зборуваат за солидaрност, но и жед за авантура, игра и забава. Не тргнав од моментот што е модерно да се зборува деновиве, која тема ќе им се допадне на возрасните, туку што е тоа што ќе ги заинтересира децата и ќе им даде оддишка од светот кој станува сè посив и многу сериозен. Лефти и Рајти се тука да ни потврдат колку се прекрасни некои работи кои за кои сметаме дека се неважни, односно ги земаме здраво за готово: да имаме дом, да одиме на сладолед, па дури и во градинка, да одиме во парк.. едноставни работи, кои ни потврдуваат колку треба да сме благодарни. А благодарни деца или возрасни значи среќни луѓе и со тоа посреќни и поздрави општества.

Трн: Освен сликовница и претстава, дали размислувате овие ликови да оживеат и во некој друг медиум?

Наташа: Да, друг медиум се наметнува, бидејќи јас ги гледам ликовите, ги знам нивните карактери, нивната болка и нивната желба. Анимиран филм за Лефти и Рајти е еден сон, кој полека се остварува. Заинтересирана продукција веќе го подготвува анимираниот проект, кој се надеваме дека ќе го завршиме до крајот на годината. Е тогаш ќе има пукање на детски шампањ, особено ако видиме детски очиња кои гледаат љубопитно во екранот!

- Реклама -