Натали Башоски е 20 годишна Холанѓанка која израснала во Пештани.
Таа во моментов студира филмска режија во Њујорк и како што самата раскажува опседната е со фотографирање.
Во разговор со 365 Натали зборува подетално за патувањата и фотографијата.
Си живеела и во Европа и во САД. Има ли некоја земја која што најмногу те инспирира кога фотографираш?
Да, родена сум во Холандија, на 7 години се преселив во Македонија, во Пештани , а на 19 во Њујорк. Секое место ме инспирира на свој начин. Македонија со нејзината култура и природа отсекогаш ме фасцинирале, најмногу поради контрастот на убавините и богатствата кој многупати локалниот жител не ги приметува за своето место на живеење. На тој начин се заинтересирав за фотографијање, со цел да ги истакнам тие убавини и да ги споделам со сите. Животот во Њујорк е многу поразличен од тој во Македонија, дури и од Холандија, но никогаш не сакам да водам дискусии за тоа каде ми е “поубаво“. Вакви места не смеат да се споредуваат судејќи по убавината. Динамиката на градот Њујорк е инспиративна на свој начин, бидејќи Њујорк не е само она што го гледаме како туристи. Њујорк е многу повеќе од тоа.
Имаш фотографирано многу луѓе во движење. Колку е тешко низ објективот да се улови динамиката на градот?
Динамиката на градот тешко се доловува со само една фотографија, фотографијата е само еден момент од сета таа динамика, но секогаш се трудам да уловам само еден детал во таа гужва, за да се реализира дека секој има своја приказна. Не е градот еден филм, секој жител има свој и кога успевам да го уловам тој момент на хуманост во една фотографија, го сметам за добра street фотографија.
Има ли нешто што никогаш не би фотографирала?
Јас сум од тие што фотографираат сè. Никогаш не сакам да се ограничам и да кажам „ова не би го фотографирала“, но преферирам природа, street фотографија, портрети и уметнички фотографии. Имам голем интерес да се развијам во повеќе категории на фотографијата и да научам повеќе. Бидејќи студирам фотографија исто така, секојдневно се конфронтирам со техники и мотиви кои сама не би ги одбрала. Но учам од нив.
Како студент по режија, можеш ли да издвоиш некој режисер што во некој момент од животот ти послужил како инспирација?
Уметниците кои моментално најмногу ме инспирираат се тие кои лично ги познавам. Иако повеќето не се на врвот, многу повеќе ме инспирираат бидејќи ги знам како личности, и го знам нивниот став кон уметноста, и односот кон животот. Па затоа нивните дела секогаш ме воодушевуваат.
Бидејќи професионално се занимаваш со фотографија, имаш ли некое друго хоби во кое исто така уживаш како во фотографирањето?
Фотографијата ми е опсесија, не го правам тоа само за време на викенди, или само во одредени моменти од животот. Јас секогаш фотографирам, јас секогаш со мене носам фотоапарат за да го уловам секој момент ако е потребно. Секое хоби што го имам го комбинирам со фотогрфијата, како на пример обожавам да патувам и да фаќам моменти. Исто така многу сакам да жонглирам и возам скејтборд.
Како иден режисер би снимала ли филм во Македонија?
Да, би снимала, всушност Македонија премногу ме инспирира и полна сум со идеи за снимање во Македонија.
Посетете ја веб страницата на Натали и погледнете ги останатите фотографии тука.