Насмеани дечиња го разубавија плоштадот во Гостивар-Градинките одбележуваат Детска недела

Насмеани, радосни дечиња претпладнево му дадоа поубав и потопол изглед на гостиварскиот плоштад, кој беше место од каде градинките го отпочнаа одбележувањето на Детската недела. Тоа е традиционална манифестација која се организира секоја година почнувајќи на првиот понеделник од месец октомври.

Децата од големите групи од градинките во Гостивар заедно со своите воспитувачки испратија пораки врзани со детските права: на образование, безгрижно детство, здрава животна околина, дружење, здрава храна итн.

„Традиционално ја одбележуваме Детската недела. Организираме активности и работилници во зависност од возрасните групи. Темите се врзани со правата на децата, а еве денес децата своите пораки ги испишаа на транспаренти. Во рамки на Детската недела, во градинките ќе биде изведена и хуманитарна акција под мотото „Што е мое нека биде твое“. Дечињата ќе си подарат симболични подароци, кои ќе останат меѓу нив за да може да ги делат, нешто што децата треба од мали нозе да го негуваат. Потоа ќе имаме и дефиле и разни активности и работилници, музички хепенинг и ликовни активности. Детската недела завршува во четврток, со оглед дека петок е неработен и ќе биде слободна активност со посета на знаменитости во Гостивар.“, изјави директорката на градинките, Даниела Бошкоска.

На денешниот настан присуствуваше и градоначалникот Ваљбон Лимани, кој се дружеше со дечињата и ги ислуша нивните пораки за среќно и безгрижно детство.
„Во деновите од Детската недела во градинките се организираат различни активности се со цел да се подигне свеста околу правата на децата. Сакам да напоменам дека децата имаа напишано многу силни пораки. Се надевам дека тие ќе стигнат најпрво до возрасните, а потоа и до сите чинители, за децата да имаат подобар и поквалитетен живот“, истакна Лимани.

Детската недела годинава се одбележува под мотото:„Безбеден чекор кон среќно детство“ и во активностите ќе бидат вклучени околу 700 дечиња од гостиварските градинки.

 

Извор