Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците – Артан Груби, денеска се сретнал со, како што истакнуваат од неговиот кабинет, „надпартискиот фронтмен на кампањата и идејата на г. Али Ахмети за еднаквост“ – Насер Зибери.
Како што се вели во соопштението, Зибери му честитал на Груби за назначувањето на новата функција и му посакал успех во работата, но истакнал и дека е отворен за соработка и дека дека целото свое знаење ќе го стави на располагање на доброто функционирање на новото министерство и евро-атлантската перспектива на земјата.
Груби, пак, му се заблагодарил за безрезервната поддршка и истакнал подготвеност и отвореност за негови идеи и препораки, поканувајќи го да стане активен дел од структурирањето.
Како што информираат од кабинетот на Груби, тој истакнал дека „секое искуство произлезено од интелектуалец како што е г. Зибери е добредојдено, кога се знае дека тој беше главниот лик кој за време на последните парламентарни избори докажа дека еднаквоста во Република Северна Македонија не повредува никого, туку напротив помага да се создаде здрава демократија што ѝ е потребна на земјата за да стане членка на Европската унија“.
На средбата, двајцата соговорници се согласиле за важноста на договорот за коалиција за оваа владина гарнитура и дека истиот претставува факторизација на Албанците во владата за време на овој 4 годишен мандат.