Денеска, на конвенцијата во Преспа, ДУИ го претстави долгоочекуваното име на нивниот наднационален и надпартиски предлог за прв премиер Албанец. Како што веќе информираа медиумите, тоа е аналитичарот со долго политичко искуство – Насер Зибери.
„Само пред неколку недели, никој не можеше да помисли за еден премиер Албанец во Северна Македонија. Сега, целата земја зборува за ова, но зборува и регионот и меѓународната заедница“, рече Зибери, порачувајќи дека бил изненаден и поласкан од понудата, која ја прифатил затоа што „личноста се цени според одлуките на кои се нафаќа во име на општеството добро наспроти личниот комодитет“, но и затоа што целиот живот го посветил на борбата за рамноправност на Албанците.
„Реков да, затоа што верувам во идејата за првиот премиер Албанец и верувам дека не е само чест, туку и должност и обврска за да и служам на ова идеја и на нашата албанска заедница во нашата земја…“, објасни Зибери во обраќањето во Преспа, додавајќи дека иако Охридскиот договор се применува, албанскиот јазик сега е службен јазик и Албанците имаат голем напредок во многу области на нашето општество, сѐ уште не се потполно рамноправни.
„Ние се соочуваме со нерамноправен однос на работа, во правдата и во секојдневниот живот. Ние сѐ уште не сме рамноправно застапени во администрацијата и во власта. Време е за последниот чекор, време е да ги урнеме последните ѕидови кои го делат нашето општество на два дела: македонци и немакедонци. Време е за првиот премиер Албанец. И да затоа што ова идеја е поголема од мене и од секоја личност. Таа е поголема од ДУИ и од секоја партија“, додаде Зибери (повеќе ТУКА).
Сепак, само пред неколку дена, Зибери имаше сосема поинаква изјава за медиумите, пишува „Алсат“. Тогаш Зибери ја оцени иницјативата на Ахмети и ДУИ како партиска пропаганда и непривлечна, единствено изводлива само при договор со другите партии:
„Слоганот за премиер Албанец не е голема идеја и не може да биде атрактивна за да се направи радикален пресврт на расположението на гласачите, особено на гласачите Албанци, така што не очекувам важен пресврт во овој поглед.
Целото ова барање кога се става во функција на предизборната активност, носи други димензии и честопати се става во негативна конотација, особено во опозициските партии, во партиите конкуренти со ДУИ. Ако една партија нема 61 место во Парламентот, мора да има политички договор, договор за коалиција со други субјекти“, рече тогаш Зибери.
Прашан за разликата во ставовите во период од само неколку дена, Зибери за „Алсат“ вели дека идејата е изводлива ако ДУИ на и по изборите дојде во позиција без која не може да се формира влада. Повеќе ТУКА.