НАСА испраќа сонда која ќе бара живот на Европа, ледената месечина на Јупитер

Сондата Europa Clipper ќе биде лансирана со ракетата Falcon Heavy на SpaceX од вселенскиот центар Кенеди на НАСА во Флорида. Главната цел на проектот е да се утврди дали Европа потенцијално ги има состојките неопходни за живот.

Мисијата на ледената месечина на Јупитер, Европа со надеж дека ќе се најдат соодветни услови за живот е неверојатно амбициозен проект што Лори Лешин, директорка на Лабораторијата за млазен погон, го опишува како „модерна катедрала“ и „генерациска потрага“.

– Често зборувам за овие мисии како модерни катедрали. Тие се генерациски потраги. Ние научниците сонувавме за мисија како Europa Clipper повеќе од 20 години. На неговата изградба работевме десет години. Ќе поминат уште десет, бидејќи Јупитер е толку далеку, додека не ги добиеме сите научни податоци. Тоа е навистина долгорочна инвестиција и навистина сум горда што ние како човештво ги презедовме овие тешки и долгорочни цели, како што е истражување на непознатото надвор од Јупитер, вели таа.

Со проучување на ледената обвивка на месечината и океаните под неа, како и составот и геологијата на Европа, мисијата има цел да го подобри нашето разбирање за потенцијалот за живот во вонземски средини.

„Тоа што ќе го научиме сега ќе го отвори патот за иднината, за идните мисии на Европа и на други места во нашиот Сончев систем каде што можеме подиректно да бараме живот, објаснува Џина Дибрачио, в.д. Директор на Одделот за планетарни науки во седиштето на НАСА.

Прочитајте и:  Curiosity испрати неверојатна панорама од Марс

Europa Clipper е најголемото вселенско летало што НАСА го изградила за планетарна мисија, објаснува Џордан Еванс, проект менаџер на Европа Клипер во Лабораторијата за реактивен погон на НАСА.

Опремено е со големи соларни панели за да собере доволно сончева светлина за да ги напојува неговите системи во област повеќе од пет пати подалеку од Сонцето отколку Земјата.

Фото: NASA, JPL-CALTECH, KEVIN M GILL, NASA, JPL-CALTECH, SWRI

– Нашата мисија оди околу Европа, но всушност е во орбитата околу Јупитер. За примарната мисија, ќе направиме 49 прелетувања, но на крајот ќе свртиме околу Јупитер осумдесет пати. И да бидеме појасни, нема да се обидуваме да слетаме на Европа. Ќе дојдеме на максимум 25 километри од површината, вели Еванс.

Леталото е високо приближно 5 метри. Целосно издолжено, долго е 30,5 метри, а масата без гориво е 3241 килограм.

Секое прелетување ќе покрива различна област, овозможувајќи речиси целосно мапирање на месечината.

Во леталото ќе патува и ново дело на американската поетеса Ада Лимон.

„Во чест на мистеријата: песна за Европа“ е дел од кампањата на НАСА „Порака во шише“ која додава културен допир на оваа фасцинантна научна мисија.

За жал, вселенските ентузијасти ќе мора да бидат трпеливи кога се во прашање резултатите.

Само да се стигне до Европа ќе бидат потребни повеќе од пет години, а тимот очекува дека ќе бидат потребни вкупно десет години за да се добијат сите научни податоци.

Извор: ХРТ

- Реклама -