Едно саботно попладне, тројца момчиња се шетаа покрај обалата. Заиграни со кучето, не приметија дека полека сонцето заоѓа. Плимата надојдуваше и брановите се повеќе се зголемуваа. Во еден момент, кучето се затрча кон една стара жена, која чепкаше по ѓубрето на крајот од плажата. Беше облечена во стари но чисти алишта, но не беа доволно топли за да ја заштитат од ноќта. Еден од нив го викна кутрето да се врати назад, но тоа само си седна и радосно го мрдаше опашот, не тргајќи го погледот од старата жена. Едно од момчињата внимателно се приближи да го прибере кутрето. Во тој момент примети дека жената е збунета и изнемоштена, па ја запраша:
-Добравечер. Да не ви треба некаква помош? Да не сте изгубиле нешто?
-Не синко, само малку сум гладна. Син ми ме остави сабајлево тука и ми рече дека ќе дојде да ме земе покасно. Но јас огладнев, па си реков можеби некој оставил нешто за јадење.
Штом го слушнаа тоа, едно од момчињата истрча до блиската пекара и купи неколку топли гевречиња. Ненаметливо ја запрашаа жената, дали сака да им се придружи да ги пробаат геврчињата. Изнемоштената жена без размислување го грабна геврекот и седна да јаде.
-А кога ќе дојде син ви да ве земе? – запраша едно од момчињата.
-Приквечер синко, приквечер! – со полна уста одговори жената.
Се погледнаа момчињата. Јасно беше дека старата жена е збунета и воопшто не приметува дека е веќе мрак. И требаше помош, а немаше кој да и помогне освен нив.
-А каде живеете? – почнаа да ја распрашуваат.
-Ах синко, незнам јас, стара сум. Син ми кога ме остави тука, ми го даде само ова парче хартија и ми рече да го чекам.
Момчињата го земаа свитканиот лист и сите ги подадоа главите да го прочитаат мистериозното парче хартија. На него пишуваше “Кој ќе ја најде оваа жена, нека ја однесе во најблискиот дом”. Неможеа да веруваат на своите очи. Еден од нив се тргна на страна, срамејќи се од солзите што му навираа. Кучето почна да лае. Брановите веќе беа големи и силни. Беше гладно и сакаше да си одат. Тие немаа храброст да и кажат што пишува на парчето хартија.
-Ајде со нас тетке, ќе го побараме син ви заедно! Веќе е темница и започнува да студи.
-Не деца, јас ќе го чекам син ми овде. Ми вети дека ќе дојде по мене. Неможам да си одам, тој ќе се загрижи. Има многу работа и не сакам да му правам додатни проблеми.
Кучето не престануваше да лае. Момчето што се срамеше од солзите, ја донесе колата до обалата. Неуспешно се обидуваа да ја убедат да дојде со нив. Таа несакаше да го напушти местото каде што син и ја оставил. Го чекаше, знаеше дека ќе дојде по неа.
Кога согледаа дека нема да можат да ја убедат да појде со нив, се решија да си одат. Веќе беше касно, па и рекоа да седне кај пекарата и таму да го почека нејзиниот син. Кога тргнаа да се враќаат дома, еден од нив се јави во полициската станица и им раскажа за жената. Од диспечерот го добија најнеочекуваниот одговор. Синот ја оставал сенилната жена неколку пати до сега на истото место, и скоро секогаш ја земал кога се враќал од работа. Но сепак, малку подоцна ќе проверат дали жената е сеуште таму.
Поминаа часови. Момчето што се срамеше од силзите, неможеше да заспие. Неможеше да ја заборави старата и изнемоштена жена, како ја оставија на празната обала. Набрзина стана, се облече и тргна накај обалата. Како што се приближуваше, забележа толпа на луѓе и ротациони светла од полиција и брза помош. Грлото го стегна и повторно очите му се насолзија. Еуфорично се проби низ толпата, кога наеднаш се укочи од призорот што го виде. Старата жена лежеше мртва на обалата. Брановите ја заплискуваа до поливина нејзината тенка и стара облека. Со блед поглед беше свртена кон патот што водеше до обалата, како се уште да го чека нејзиниот син.
Човекот кога ќе стане родител, својот живот и целата негова љубов ја насочува кон своите деца. Таа љубов треба да се возврати, кога на тој човек му е најпотребна за достоинствено да си замине од овој свет.
Автор: Владимир Бужаровски