Џејмс Њуман е инженер по дигитална електроника, а воедно и човекот што направи огромен компјутер во дневната во својот бунгалов во Кембриџ, на кој планира да игра Тетрис.
Неговиот мегапроцесор е долг 10, а широк 2 метра. Изработката на процесорите, микропроцесорите и чиповите, го чинела речиси 46.000 евра, а на нив работи од 2012 година. Огромниот компјутер содржи 40.000 транзистори и 10.000 LED светла, а тежок е пола тон.
Досега, Њуман играл тетрис на обични компјутери, а сега веќе може да си приушти поекстремна варијанта, играјќи на својот мегакомпјутер.
„Можеби машината на вашата маса е милион пати подобра од оваа која јас ја направив, но мојата е многу поубава“, рече за БиБиСи, додавајќи дека неговиот мегакомпјутер има 10.000 пати повеќе LED диоди.
Се надева дека мегапроцесорот ќе го користи како образовен алат за време на летото, со тоа што планира да ги отвори вратите од домот за сите љубопитни и заинтересирани.
„Се сомневам дека ќе можам да го продадам. Мојот сон е да заврши во образовна институција или музеј, каде луѓето ќе можат да научат нешто“.