Психичката состојба на поранешната шефица на СЈО – Катица Јанева, која е во притвор како третоосомничена во случајот „Рекет“, е лоша, соопшти вчера нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска во интервју за „ТВ21“. Според неа, Јанева постојано е на терапија со лекови.
Како што дознава „МКД.мк“, нејзиното психичко здравје е во рацете на затворскиот психијатар Мирко Треневски, кој по 20 години работа со затвореници од пред половина година треба да е во пензија, но во меѓувреме е вратен на работа додека не се најде психијатар за постојано вработување, за што е задолжен Здравствениот дом во Скопје. Покрај работата во затворот во Идризово, Треневски двапати неделно доаѓа и во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, при што меѓу останатите притвореници ја следи и психичката состојба на Катица Јанева.
Во кратка изјава за „МКД.мк“, директорот на затворот – Есад Рахиќ, истакнува дека психичката состојба на Јанева се следи секојдневно. Детали, меѓутоа, не открива.
Денеска адвокатката на Јанева за МИА го потврди она што го најави вчера во интервјуто за „ТВ21“ – во текот на денот таа до Судот ќе достави барање за укинување на мерката притвор за Катица Јанева. Освен нејзиното влошено здравје, како аргумент ќе се користи и тоа што Јанева е разрешена од функцијата специјален обвинител, но и основен јавен обвинител во ОЈО Гевгелија, односно веќе не е во можност да влијае на предметите, како што објасни Фрчкоска. Како гаранција, за да се брани од слобода, Јанева ќе понуди свој недвижен имот, најави адвокатката.