Солта е пријател на сетилата, но е непријател на телото. Солта се поврзува со високиот крвен притисок, проблеми со срцето и нездравата исхрана генерално.
Затоа сега создадоа нова, електрична вилушка, која го стимулира сетилото за сол и ја затишува очајната потреба од сол на нашето тело.
Направена во Јапонија, вилушката по електричен пат ги стимулира рецепторите за сол во устата, кои потоа сигнализираат соленост до мозокот, со што ѝ даваат „виртуелен“ солен вкус на инаку неутралната храна. Може да симулира и киселост, а може да симулира и различни текстури на храната.
„Тоа е технологија што овозможува електрицитетот да биде користен како зачин“, вели Хироми Накамура – истражувач од Универзитетот во Токио, кој патем е дел од ресторантскиот проект „No Salt“ („без сол“), кој има за цел да ја подобри локалната исхрана.
При тестот, гостите во ресторанот можеле да вкусат соленост сé додека вилушката била во чинијата. Штом приборот е отстранет, а џвакањето продолжува, солената сензација исчезнува, а јадачот останува со блуткав залак во устата.
Што се однесува до ризикот од електричен шок, нема место за страв, убедува Накамура. Според него, ризикот е нула. Научниците користат електрична струја за да испитаат како јазикот ги насетува вкусовите уште од 1970-тите години – оттаму и оние дијаграми кои ги учевме во основно, а ни покажуваа кој регион на јазикот за кој вкус е одговорен. Иако принципот на работа воопшто не е нов, овој експеримент е првиот во кој електрично модифицираниот вкус е лесен колку што е и лесно јадењето со вилушка.
Патем, за жал, научниците не беа успешни во симулирање на сладок вкус. Шеќерот, по сé изгледа, е нешто специјално, па Накамура малку претерува кога вели дека вилушката е триумф врз нездравата исхрана. Додуша човекот убаво си кажува дека вилушката е за тие што сакаат да јадат здрава храна, ем притоа да им биде вкусна и зачинета. А слатки десерти баш и не се сметаат за здрава храна.