Над влезната врата на многу цркви во Македонија се наоѓа претставата Успение на Пресвета Богородица. Богородица лежи на одарот, опкружена со апостолите, а Исус Христос во длабока тага во своите раце ја држи неговата мајка како новороденче. Настанува смртта, а истовремено започнува нов живот. Но, над влезните врати во црквите во Македонија може да се најде и еден друг симбол кој исто така е поврзан со раѓањето и обновата и кој денес е повторно актуелен со неговото „заминување во историјата“-сонцето од Кутлеш!
Симболот на сонцето во сите негови варијанти (со осум или шеснаесет зраци, розета, круг со точки) е типична појава на нашето црковно-религиозно поднебје. Многу порано пред да биде пронајдено во Вергина, сонцето од Кутлеш со векови блескало на голем број икони, резби, фрески, надгробни плочи. Во црквата Успение на Пресвета Богородица во Велес која всушност е бедемот на македонската борба за ослободување во 20-тиот век, во која се криел и самиот архиепископ Гаврил преведувајќи ја Библијата на македонски јазик, постои мозаик со 16 зрачното македонско сонце од Кутлеш, што како слика е поставено и на надворешниот ѕид на фасадата над самиот влез во црквата, а исто така е насликано на фрескоживописот на таванот и ѕидовите.
Постојат многу фрески во Македонија на кои околу главата на Исус Христос се гледаат осум радијални зраци кога тој го напушта својот гроб. Во Лесновскиот манастир кој датира од 1349 година, на фреската „Псалм 148“ не само што има типично македонско владетелско сонце, туку е испишани зборот СЛНЦЕ. Во една од најстарите тетовски цркви, „Пресвета Богородица“ во Лешок над влезната врата се наоѓа симбол со тули „Сонце од Кутлеш“. Познато е дека при обновата на црквата во 1641 година, на надворешните ѕидови биле вградени дваесетина сонца од печени цигли. Сонцето од Кутлеш се наоѓа на капител во битолската црква Света Димитрија од 1830 година, и на иконостасот во манастирската црква „Свети Цар Константин и Царица Елена“ во село Разловци.
Но, оваа светлина нема ништо заедничко со паганската традиција. Таа произлегува од Библијата во која се вели: „Господ Бог е сонце и штит, Тој дава благодат и слава“(Псалми 84:11) и „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот.“(Јован 8:12). Исус Христос е светлината која се дава за спас на човештвото за да ја растера темнината. На сводот во црквата Света Богородица Перивлепта од 1295 година на раката на Исус Христос е насликано сонцето од Кутлеш. Сребрените нимбуси на иконите во црквите „Св. Спас“-Скопје, „Св. Димитрија“-Битола, „Св. Благовештение“-Прилеп се украсени со сонца и розети. На зеницата во окото од иконата „Св. Богородица Патеводителка“ во црквата „Св. Спас“ во Скопје е аплицирано сребрено сонце кое датира од крајот на 18 и почетокот на 19 век. Речиси редовно на иконите на Богородица изработени во Македонија на челото и на двете рамења се јавува сонце, симбол на нејзината девственост. Таква е чудотворната икона на Мајката Богородица наречена Богородица Пелагонитиса во манастирот во Зрзе. Сонцето на десното рамо ѝ е покриено бидејќи го држи Богомладенецот-Сонцето на правдата.
Чинот на крштевка често се врзувал со знакот на сонцето. Светото место за крштевање било поставувано врз сонцето симболично означувајќи раѓање врз духот Христов. Илјадници верници биле крстени во велелепните базилики распослани со импресивни мозаици украсени со соларни симболи. Такви има во главниот кораб-наос на катедралната црква Св. Софија во Охрид, Св. Богородица Каменско, Св. Ѓорѓија и Св. Климент. Такво беше сонцето кое до неодамна се наоѓаше на средина на подот во старата манастирска црква „Св. Атанасиј“ во Лешок. Во дворот на скопската црква „Свети Спас“ постои мермерна плоча на чија средина е насликана розета од Кутлеш! Исти такви розети има и на надгробните плочи во скопското село Таор, родното место на Јустинијан I и на плочите на тремот во црквата „Св. Никола“-Тетово. На муслиманските гробишта, на некои надгробни плочи наместо вообичаените муслимански белези има сонце.
Фактот што сонцето од Кутлеш го има во повеќе свети места кај нас укажува на една длабоко почитувана традиција од народот кој се наоѓал на овие простори. Но, што е тоа што ги терало мајсторите и покрај строгите црковни канони, на место каде требало да биде поставен крст, да стават сонце? Која била таа храброст да се спротивстават на востановените црковни норми на украсување на храмовите? Сосема спонтано, без никакви забрани или обвиненија за „антиквизација“, туку едноставно со љубов и почит кон народната традиција.
И прочуените мајстори од 19-тиот век во своите ремек-дела го славеле сонцето и неговиот пандан-розетата. Тајната на нивната вешта изработка се пренесувала од колено на колено, а ја знаеле само најискусните златари-кувенџии, каменоделци и резбари. Подот во манастирот „Св. Богородица Пречиста“-Кичево е украсен од осумкрако сонце кое концентрично се шири наизменично менувајќи камени и мермерни плочи. Во старата скопска црква „Рождество на Пресвета Богородица“ од 19 век подот и резбите биле украсени со шеснаесеткрако сонце.
Целиот текст тука
Пишува: Огнен Коцевски