Високо во перуанските Анди, далеку над последниот дрвен појас, се наоѓа стариот камп за рудари кој во текот на годините доби статус на град. Во овој планински „град“ – на надморска височина од 5 километри, живеат над 30.000 луѓе.
Ла Ринконада (5.100 метри) е на толку високо, што времето таму е како да живеете на западниот брег на Гренланд. Летата се влажни, зимите суви, деновите студени, а ноќите уште постудени. Просечната годишна температура е 1.2°C.
Но Ла Ринконада попрво е населена локација отколку град. Нема патишта, водовод ни канализација. Куќите се направени стриктно од лим, без изолација. Мажите работат во рудниците, додека жените продаваат стоки, бараат злато во одронетите рударски карпи, или печалат од најстариот занает – проституција.
А златото се вади со помош на жива – втората најприсутна супстанца во Ла Ринконада. Земјата, воздухот, водата и снегот се загадени. Ако ова е град, тогаш е еден од најсиромашните и најтажните градови во светот, пишува Amusing Planet.
За разлика од другите рударски градови, Ла Ринконада не е сопственост на некоја конкретна компанија. Напротив, речиси сите рудници кои работат таму се неформални, т.е. нелегални. Практично се работи за гето од самопрогласени рудари. Нема администрација. Ништо не се инвестира во развојот на градот. Економијата не е регулирана. Голем дел од златото кое доаѓа од планината оди директно на црниот пазар.
Најголемата рударска компанија која оперира во градот – Corporación Ananea, не им плаќа плати на своите работници. Наместо тоа, им компензира преку прастариот систем на труд наречен cachorreo. Cachorreo е практично „понеси колку можеш“ систем. Рударите работат 30 дена без надомест, а на 31-от им се дозволува да земат толку руда колку што можат да им издржат плеќите. Трикот е во тоа што не постои начин да се одреди колку злато ќе содржи таа руда, па рударите најчесто завршуваат со премалку злато.
А сепак, илјадници луѓе со месеци се мачат во надеж дека еден ден ќе го ископаат парчето руда со доволно злато за да им ги реши егзистенцијалните маки. Иако компанијата користи таков рудиментиран систем на плаќање, рударите продолжуваат да се доселуваат во регионот. Помеѓу 2001 и 2009 година, населението на Ла Ринконада порасна за повеќе од два пати.