Највисоката зграда во Сан Франциско тоне и се навалува

8b5e7e1bdcee88c3b29d[1]

Милениум Тауер во Сан Франциско е највисоката станбена зграда во САД западно од реката Мисисипи. До отварањето на кулата во 2009-та, изградбата чинеше 350 милиони долари, а оттогаш важи за место со најлуксузни станови во градот, вредни и по повеќе милиони долари. А и како нема, со таков прекрасен поглед на Сан Франциско Беј и мостот Голден Гејт…

Но сега сателитите Sentinel 1 на ЕВС (Европска вселенска агенција – ESA) открија дека истата оваа кула тоне со брзина од дури четири сантиметри годишно, па дури и дека се навалува. Зборуваме за кула од 197 метри, со 58 ката, што значи дека проблемот е многу сериозен за центарот на еден таков велеград како Сан Франциско. Уште посериозен е можеби за градителите и архитектите на Милениум Тауер, кои за проектот собраа многу престижни награди во периодот од 2008 до 2010-та година.

Откритието на ESA доаѓа по нивните прелиминарни мерења со сателитите, со цел во догледна иднина да направат мапа од промените на висината на тлото во сите или повеќето урбани подрачја низ светот. Освен во Сан Франциско, ESA откри проблеми и во Осло, каде се покажа дека во реонот на железничката станица зградите се изградени на тло што баш и не се одликува со посебно добра носивост.

Во случајот на Сан Франциско, се смета дека причина за пропаѓањето на тлото и накривувањето на зградата е тоа што, да, е изградена на цврсто тло со добра носивост, но тоа тло почнува на длабочина од 60 метри под површината на земјата. Зградата, од друга страна, навлегува само 30 метри во земјата под површината, т.е. е на 30 метри над тлото кое би било способно да ја поднесе нејзината огромна маса.

Милениум Тауер, генерално, е четвртата највисока висока зграда во Сан Франциско (погоре пишавме дека е највисока станбена, да не се збуните), но и највисокиот армирано-бетонски објект во градот. Двокатните станови на врвот, патем, достигнуваа цена и до 12 милиони долари, барем до објавувањето на откритието на ESA, и беа најскапите станови на американскиот Западен Брег.

Точките на црно-белата фотографија на ESA ги покажуваат местата во проблематичниот кварт на Сан Франциско, кои веќе имаат потонато во периодот на набљудување од 2015 година па до неодамна. ESA откри дека тоне и градот источно од Сан Франциско – Pleasanton, и тоа заради суша и опаѓање на нивото на подземните води.

Последниве години ширум светот се откриваат сé повеќе и повеќе места кои тонат, пред сé заради преинтензивното исцрпување на подземните води. Состојбата на Сан Франциско и Милениум Тауер е уште полоша заради фактот што градот е никнат на особено трусно подрачје, на кое се судираат две тектонски плочи.

- Реклама -