Тишината вреди злато, но во САД има една соба во која тишината станува неподнослива по некое време. Најдолго што некој успеал да издржи во собата на Орфилд Лабораториите во Јужен Минеаполис е 45 минути. Собата абсорбира 99,99 проценти од звукот и го држи светскиот рекорд за најтивко место на Земјата, единствен проблем е што предолг престој може да предизвика халуцинации.
Оваа тишина собата ја постигнува благодарејќи на пирамидите од фиберглас долги 1 метар, дупли ѕидови од изолиран челик и бетон дебел 30 сантиметри. Основачот и претседател на компанијата, Стивен Орфилд, изјавил: „Нашиот предизвик за луѓето е да седат во собата во мрак – еден новинар успеа да издржи 45 минути. Кога е тивко вашите уши се адаптираат. Колку е потивка собата толку повеќе работи слушате. Ќе си го слушате пулсот, некогаш можете да ги чуете сопствените бели дробови и кркорењето на вашиот стомак. Во оваа соба, вие станувате звукот.“
Тоа искуство лесно може да ве дисориентира. Господин Орфилд објаснил дека ситуацијата е толку неприродна што седењето е задолжително. Тој додал: „Вие се ориентирате со помош на звуците кои ги слушате додека одите. Во оваа соба немате никакви сигнали. Ги губите ситните сигнали кои ви помагаат да одржите рамнотежа и да се движите. Ако сте во собата половина час, тогаш мора да седите.“ Собата ја користат неколку производители за тестирање на гласноста на нивните производи. Орфилд додал: „Собата се користи за формално тестирање на производи, за истражување на звуци од различни предмети – срцеви залистоци, звукот на дисплејот на мобилните телефони, звукот на прекинувач на на автомобилска контролна табла.“
Собата се користи и за одредување на квалитет на звук. Господин Орфилд и неговиот тим им помагаат на компании како производителот Whirlpool да развијат метафори за тоа како би требало да звучи одреден звук. Harley-Davidson ја употребил лабораторијата за да создадат потивок мотоцикл кој нема да го загуби карактеристичниот звук кој е заштитен знак на компанијата. „Ние снимаме производи и луѓето ги слушаат врз основа на семантички термини како ,скап’, ,низок квалитет’. Ние ги мериме нивните чувства и асоцијации.“
NASA користи слична соба за тестирање на астронаутите. Тие се сместени во големи каде во собата за да откријат „колку време е потребно за појава на халуцинации и дали истите ќе им пречат во работењето“. Како што објаснува господин Орфилд, вселената е една џиновска тивка соба, што значи дека е многу важно астронаутите да можат да останат фокусирани. Господин Орфилд признава дека тој може да издржи пристојни 30 минути во собата, и покрај тоа што има механички срцев залисток кој во оваа просторија брзо станува многу гласен. [The world’s quietest place is a chamber at Orfield Laboratories]