Во текот на изминатиот викенд часовникот Patek Philippe стана најскапиот некогаш продаден рачен часовник на аукција, откако беше купен за 7.3 милиони долари.
Часовникот, кој што го носи името 5016A, беше продаден на аукција во Женева по цена која ја надминува повеќе од 10 пати проценката од 700 000 долари. Продажбата беше реализирана по девет минутно тензично наддавање по телефон од страна на две лица. Средствата од продажбата ќе одат за добротворни цели.
Претходниот рекорд за рачен часовник беше на Patek Philippe од 18-каратно злато, кој беше купен на аукција на Christie’s за 5.7 милиони долари во 2010 година. Она што ја прави цената за 5016A особено изненадувачка, е тоа што часовникот не личи во ништо на другите милионски часовници. Во него нема дијаманти или злато. Наместо тоа 5016A е направен од обичен нерѓосувачки челик. Високата вредност се должи само на реткиот примерок. Од Patek направиле само еден часовник 5016A. Истиот е мал, но има цели 506 делови. Од Patek го донираа часовникот на тендерот “Единствениот часовник”, кој се одржува на секои две години, а приходите одат за студии поврзани со болеста мускулна дистрофија.