Може прекариве низ светската историја не се добри како битолските, ама па и не се воопшто лоши, со оглед дека ги носеле кралеви.
Чарлс Ќељавиот
Charles II (римски император од 875 до 877 година) не бил ќељав. Епитетот „Ќељав“ му го доделиле во иронија – всушност бил многу влакнест.
Харалд Вошкарот
Бил првиот крал на Норвешка. Легендата вели дека Харалд одбивал да ја шиша косата сé додека не биде именуван како крал. А тоа потрајало, едно 10 години. Со оглед дека зборуваме за времиња со ионака минимум хигиена, безбедно е да се претпостави дека Харалд имал вошка или две… милијарди.
Џон The Babymaker
Џон II Бебеправачот (ако ептен буквално преведуваме) владеел со Cleves од 1481 до 1521 година. Имал 63 вонбрачни деца. Потоа се оженил и имал уште 3.
Хенри Импотентниот
Хенри IV владеел со Кастиља од 1454 до 1474. Се оженил со 13-годишната роднина Бланш, но никогаш немале секс. Се правдал дека е импотентен. Локалните проститутки, меѓутоа, имале многу поинаква приказна.
Како и да е, Хенри тврдел дека неговата наводна импотенција е резултат на клетва. Па се преженил со друга своја роднина, која родила ќерка. Сепак, според гласините, ќерката не била негова. Сепак (x2), хрониките за Хенри ги има пишувано неговата полусестра, така што, кој ќе ги знае што била вистината, освен делот за проститутките. Тоа е проверено.
Бермудо Рахитичниот
Бермудо II бил првиот крал на Галиција, а потоа и крал на целото кралство на Леон, сé до 999 година. Боледувал од комплексна форма на артритис. Со текот на времето станало толку лошо што не можел ни да јава коњ.
Себастијан Девицата
Себастијан I владеел со Португалија од 1557 до 1578. Никогаш не ја изгубил невиноста. Во негова одбрана, бил буквално бебе кога го крунисале. Подоцна во неговите 20-ти години бил висок, тенок и русокос, ама и посветен Језуит, а навидум сите „достапни“ жени околу него биле негови роднини. Како резултат, Себастијан никогаш не се оженил, а умрел млад во битка. Жити судбината…
Вилфред Влакнестиот
Владеел со неколку шпански региони со почеток од 870 година. Неговиов прекар, за разлика од Чарлс Ќељавиот, не бил ироничен. Доволно е да ја видите неговата скулптура во катедралата во Барселона – типот изгледа како да носи оклоп од крзно.
Балдвин Лепрозниот
Baldwin IV – бил крал на Ерусалим од 1174 до неговата смрт. Лепроза му дијагностицирале уште како дете, кога сфатил дека не чувствува болка при малите повреди при играта со другите деца.
Роберт Извараниот
Robert Devereux бил англиски парламентарец и војник во првата половина од 17 век. Се оженил на возраст од 13 години (жена му имала 14), па веднаш бил испратен на тура низ Европа во времетраење од 2 години. Кога се вратил, дознал дека жена му имала афера. Роберт се правдал дека е поради неговата импотенција. Погодувате, сите му се смееле за време на сослушувањата за развод.
Сепак, на крајот се одмаздил. Кога бившата сопруга и нејзиниот сопруг биле изнесени на суд под обвинение за убиство, Роберт бил во поротата и ги осудил на смртна казна.
Харалд Плавозабиот
Harald “Bluetooth” Gormsson бил крал на Данска и Норвешка во периодот од 958 до 986 година. Најверојатната причина за прекарот е дека имал расипани заби кои делувале модро-сини.
Интересното е што модерното Bluetooth лого се состои од неговите иницијали – изразено со симболите на скандинавската азбука H (ᚼ) и B (ᛒ).
Клаудиус Д’ткачот
Tiberius Claudius Caesar Augustus Germanicus бил римски император од 41 до 54 година, чичко на прославениот Калигула. Очигледно е како го добил прекарот – д’ткал (пелтечел, за ситничарите).
Тоа не била неговата единствена маана. Имал и крива нога – поткривнувал, бил благо наглув, а и многу се лигавел кога бил лут. Со други зборови, можел да помине и полошо – да го викаат Лигавиот.
Пјеро Малерот
Пјеро ди Лоренцо де Медичи бил „Gran maestro“ на Фиренца од 1492 до 1494 година. Бил слаб и болежлив, ама арогантен и недисциплиниран. Сепак, поради татко му (Lorenzo the Magnificent) му дале шанса да владее. Спојлер: Ја уплескал. Луѓето од Фиренца влегле во семејниот замок и го ограбиле, а тој и неговото семејство биле протерани. „Малер“ го викале иронично, добро знаеле дека сите неволји му се заслужени.
Лулак Простоумниот
И покрај прекарот, кој варирал од „простоумен“ до „будалест“ и „приглуп“, Лулак успеал да стане крал на Шкотите во 1057 година. Арно ама, владеел слабо, и бил убиен во атентат на неполна година откако седнал на престолот. Изгледа стварно не бил баш бистар.
Јустинијан Безносниот
Јустинијан II владеел од 685 до 695 година, почнувајќи од своја 16-та година. Млад и неискусен, многу лошо реагирал кога некој ќе му се спротивставел, за разлика од татко му кој владеел пред него. Како резултат, воведувал полиси што сите ги мразеле. На крајот го симнале од престолот и му го отсекле носот.