Според истражувањето на мислењето на британската јавност, нарачано од сајтот MyMemory.com, на тема – зошто маркантните фотографии остануваат толку долго врежани во меморијата на луѓето, најмаркантна фотографија за минатиот век е „Астронаут крај американското знаме на Месечината“.
Фактот што фотографијата од Баз Олдрин крај американското знаме на Месечината се најде на првото место воопшто не е изненадување, со оглед на тоа колку бил значаен настанот за целото човештво.
2. Денот на победата над Јапонија на Тајмс Сквер
Оваа фотографија е направена на 14 август 1945 година, кога претседателот Труман го објавил крајот на војната против Јапонија. Фотографот Алфред Ајзенстад направил многу фотографии во текот на денот и поради брзината со која се менувале настаните, не успеал да ги запише имињата на луѓето кои се бакнуваат.
3. Ручек на облакодер
Чарлс С. Ебетс ја направил оваа фотографија на 29 септември 1932 година, во последната фаза од изградбата на зградата RSA во Њујорк. Работниците седат на греда, на 69-от кат, а нозете им висат над градот. До денес фотографијата е искористена илјадници пати за најразлични намени, а првпат била објавена во Њујорк Хералд Трибјун на 2 октомври 1932 година, во неделниот додаток со фотографии. Авторството на Ебетс не му било признаено дури до 2003 година.
4. Насловната фотографија на „Аби Роуд“
Јан Макмилан станал славен со фотографијата направена за албумот на Битлси „Аби Роуд“. Пол Меккартни му дал скица од идејата за фотографијата, по што, на 8 август 1969 година, некаде околу 11.30 часот (претпладнето било одбрано за да се избегнат обожавателите), биле направени неколку фотографии. Полицаец го регулирал сообраќајот на крстосницата додека фотографот качен на платформа ја создал оваа маркантна фотографија.
5. Развеаниот фустан на Мерлин Монро
Оваа фотографија е произлезена од филмот „Седумгодишниот копнеж“. Сликата до толку е всадена во поп-културата што неодамна во Чикаго беше подигната статуа од Мерлин Монро токму во оваа поза.
6. Подигање на знамето во Иво Џима
Оваа историска фотографија е направена на врвот на планината Сурибачи, за време на битката кај Иво Џима во Втората светска војна, на 23 февруари, 1945 година. Наспроти популарното верување дека се работи за моментот по победата, всушност тројца од војниците околу знамето (Френк Сусли, Харлон Блок и Мајкл Стренк) подоцна умреле во битката, додека другите тројца (Џон Бредли, Рене Гањон и Ајра Хејз) станале славни откако биле идентификувани, по враќањето дома. Фотографијата направена од Џо Розентал е добитник на Пулицерова награда, а според неа Феликс де Велдон го извајал Меморијалниот споменик на Маринците во Националните гробишта Арлингтон близу до Вашингтон.
Она што малкумина го знаат е дека ова е фотографија од поставувањето на второто знаме на планината. Првото било многу помало, т.е. се работело за знамето на четата, кое војниците не смееле да го загубат по никоја цена. Откако полковникот го побарал како сувенир, тие одлучиле по вторпат да закачат знаме, за подоцна да можат да му го предадат. Фотографот едноставно имал доволно среќа да се најде таму за поставувањето на второто знаме.
7. Маж и бебе
Постерот направен од фотографијата на Спенсер Ровел во 1987, бил продаден во преку 5 милиони примероци. На него се гледаат моделот Адам Пери и мало бебе. Фотографијата претставува симбол за мажот на новото време – длабоко чувствителен, а сепак секси.
8. Алберт Ајнштајн со исплазен јазик
На 72-от роденден на Алберт Ајнштајн (14 март, 1951), фотографот Артур Сас го замолил да се насмее. Изморен од многуте фотографирања дента, тој му го исплазил јазикот. Набргу, фотографијата станала хит и оттогаш безброј пати е употребена во најразлични намени. На 19 јуни, 2009 година, оригиналната фотографија беше продадена на аукција за 74.324 долари.
9. „Издуван“
Оваа фотографија, направена од Стив Стигман во 80-те, била нарачана од Максел, како реклама за нивните аудио касети. Нешто подоцна излегла и видео реклама со истата тематика.
10. Че Гевара
Ова веројатно е најпознатата и најкористената фотографија во изминатиот век, насловена „Херојски герилец“. Фотографијата е направена на 5 март, 1960 година, во Хавана, Куба, на поменот за жртвите на револуцијата. Фотографот Алберто Корда изјавил дека бил привлечен од комплексион израз на лицето на Ернесто „Че“ Гевара, истакнатиот водач на револуцијата и затоа побрзал да го „зароби“ мигот. Подоцна, од оваа фотографија ќе произлезат илјадниците стилизирани верзии со кои се продаваат најразлични сувенири, насекаде низ светот.