Повеќе од петстотини години откако Санта Марија, командниот брод на Кристофер Колумбо, удрил во карипските карпи, археолозите сметаат дека ги откриле нејзините остатоци на дното на морето северно од брегот на Хаити, пишува британски Индипендент.„Сите географски, подводни топографски и археолошки докази уверливо покажуваат дека тоа се остатоците од славниот брод на Колумбо“, изјавил лидерот на археолошката експедиција Бери Клифорд, еден од најпознатите американски подводни археолози.
Ако неговите тврдења се покажат како точни, тоа ќе биде едно од најважните подводни археолошки откритија во историјата, пренесува Дејли мејл.
Санта Марија била изградена во вториот дел од 15 век во Баскија. Колумбо ја изнајмил заедно со уште два брода, Пинта и Ниња, а со нив во август 1492 тргнал од шпанскиот атлантски брег во потрага по западниот пат до Азија. Два месеци подоцна допатувал до Бахамите и го открил Новиот свет.
Санта Марија, најголемиот и команден брод на експедицијата, на Божиќ 1492 во бура удрила во гребен северно од брегот на Хаити и екипажот морал да ја напушти. Во едно блиско село Колумбо и неговиот екипаж изградиле мала тврдине од која една недела подоцна со двата преостанати брода се упатиле назад кон Шпанија за да ги известат своите покровители, шпанскиот крал Фердинанд и кралицата Елизабета, за своето откритие, за кое тогаш сѐ уште мислеле дека е западниот пат до Индија. За локацијата на бродоломот на Санта Марија тогаш не се знаело ништо.
Идентификацијата на бродот на Колумбо од страна на експедицијата на Клифорд ја овозможиле неколку претходни археолошки откритија. Во 2003 година група други археолози ја откриле најверојатната локација на тврдината на Колумбо, што на Клифорд му овозможило, користејќи ги информациите од дневниците на славниот морепловец, попрецизно да го одреди местото на бродоломот.