Бони и Клајд
Ако љубовта е тревога и болка, тогаш злосторството понекогаш природно станува дел од неа. Токму тоа го содржело особено силното романтично чувство на една од најпознатите иконски љубовни парови на минатиот век – легендарните ограбувачи Бони и Клајд.
Бони Елизабет Паркер е родена во октомври 1910 година во Тексас, но како дете нејзиното семејство се преселило во Далас. Таа живеела во сиромаштија и тоа ја принудило да се омажи на само 16 години, но наскоро сопругот завршил во затвор. Убавата Бони не се разведува со него, па дури и кога е убиена заедно со Клајд, на нејзината рака уште стои венчален прстен од единствената нејзина свадба.
Клајд Бароу e година постар од неа – тексасец, кој влегува во затвор за прв пат на 16 години, бидејќи “заборавил” да врати позајмен автомобил. Во затворот “налетал на луѓе”, а едвај 19-годишен веќе ограбувал дуќанчиња. Средбата меѓу Бони и Клајд е судбоносна – според тогашната приказна тоа е ужасен тандем кој врши грабежи, кражби и убиства низ територијата на САД. Не е многу јасно колку Бони навистина и секогаш учествувала во криминалните активности на Клајд и неговата банда и дали тоа не е повеќе вестникарска измислица за пренесување на повеќе романтика и шарм кон историјата. Вистина е дека, сепак, кога американската полиција ја убива двојката во заседа, телата на Бони и Клајд биле пронајдени прегрнати.