Најголемите бруки на Златна малина

scarface[1]

На 27 февруари, бандата сеирџии зад филсмките анти-награди „Златна малина“, уште еднаш ќе го презентира својот избор за најлошите изговори за одење во кино кои годинава кружеа по кино салите. Баналната садо-мазо сапуница „50 нијанси сиво“ сосема заслужено е во првите редови на анти-признанијата и најверојатно ќе триумфира со полни раце малини.

Да, „Златна малина“, позната и како „Анти-Оскари“, е пародична манифестација на забавната американска индустрија, ама се има посрамено и со некои грандиозни грешки во изборот. Зборуваме за монументални заблуди во кои се рефлектира целата заблудена историја на елитната западна кино критика. Денес изборот е лесен, со кандидати како Fifty Shades of Grey, Fantastic 4, Jupiter Ascending, Paul Blart Mall Cop 2 и Pixels. Туку ај да ѕирнеме во минатото:

Во 1980-та година, во кината се појави првиот вистински хорор филм на генијалниот визионер и иноватор – „Сјаење“ на Стенли Кјубрик. Филмот е екранизација на истоименото дело на Стивен Кинг, но Кјубрик тотално го смени целиот концепт на оригиналната приказна, па готовиот филм е автономна творба на ужасот, значително далечна од книгата на Кинг. Првично, Кјубрик е разочаран, но The Shining станува хит на благајните, а подоцна и модерна класика. Во меѓувреме, маестрално снимената сенишна приказна за изолацијата и полудувањето мораше да истрпи тони и тони мастило од негативни критики на заблудени критичари, кои едноставно не беа во состојба да го увидат револуционерниот квалитет на „Сјаење“. Еден од тие – денес е еден од батките кои ги прават анти-наградите.

the-grady-girls-the-shining-1980-_149479-fli_1385391892[1]Кјубрик беше номиниран за најлош режисер, и тоа во време кога веќе беше еден од најголемите филмски уметници во историјата. Голем број критичари ја поддржаа одлуката и му се потсмеваа на Стенли за неговата работа на неконвенционалниот хорор-трилер со Џек Николсон и Шели Дувал, која исто така доби номинација за „Златна малина“. Најголемата иронија е што Стенли Кјубрик, кој според многумина е најголемиот кино гениј, нема “Оскар” за режија, но ете – има номинација за анти-Оскар, и тоа за филм кој денес консензуално се смета за најсовршеното хорор ремек-дело на сите времиња.

Срамот околу номинацијата на „Сјаење“ не траеше доволно долго; беше покриен со нов. Само три години подоцна, Златни малини се дрзнаа да го чепнат изопачениот мафијашки „опус магнум“ на Брајан Де Палма – „Скарфејс“.

31658_Scarface[1]Натопена во крв и кокаин, бруталната драма за подемот и падот на кубанскиот трговец со дрога – Тони Монтана, добива непријателски пречек во редовите на професионалните критичари и некое време навистина се смета за лош филм. Филмските критичари да ти очекувале некој си посериозен филмски придонес од некаков си луд режисерски огномет и некаква си врвна стилизација. Да биде бруката поголема, монументалната глума на Ал Пачино во ликот на Тони Монтана е оценета како лош вкус и тежок „овер-ектинг“ (претерување со глума). Од таква гледна точка, номинацијата на Де Палма за најлоша режија изгледаше како сосема рационално решение, барем за одборот на „Златна малина“.

Со тек на времето стана болно јасно дека Скарфејс е ремек-дело од гангстерски филм, а ликот на Пачино станува глобална културна икона. Тони Монтана го знае и секој просечен сељак, и е еден од најпрепознатливите ликови воопшто.

Гревовите од 80-тите, до ден-денес и тежат на грбот на „Златна малина“. Секогаш кога ќе одлучат да се прават интересни со некоја неконвенционална одлука, им се фрлаат во лице „Скарфејс“ и „Сјаење“. Во поново време, додуша, немаат направено такви сериозни глупости. Скоро сите грешки им се од 80-тите, а меѓу нив и номинациите на Харви Кејтел и Дерил Хана, за нивните улоги во „Последното искушение на Исус“ и „Волстрит“. Малку потфрлија и во 90-тите, со номинацијата на секусалната екстраваганца на Пол Верховен – „Showgirls“, кој иако се смета за лош, со тек на времето стана и култен.

showgirls04Во меѓувреме можеби се запрашавте дали можеби ние не исмеваме некој монументален мастерпис? Можеби по 5-10 години, „50 нијанси на сиво“ ќе се смета за ремек дело? Одговорот е: Нема шанси. Раат гледајте си и смејте се на овогодинешните добитници на анти-Оскари.

- Реклама -