Најдобриот жив математичар, Русинот Григориј Перелман, пронајде среќа која не зависи од парите. Ја одби заслужената награда од милион долари. Што е тоа што тој со тие пари може да го купи, а што веќе го нема во својата глава?
Тоа што последно се знаеше за него е: Живее аскетски живот, чита книги и тоа го прави бескрајно среќен. Невработен е. Живее во Санкт Петербург, во станот на мајка му, од нејзината пензија. Григориј го потврдува непишаното правило според кое „на секој гениј му е потребен брат или сестра која ќе го издржува“. Комшиите ретко го гледаат. Понекогаш ќе прошета во старо сако и излитени фармерки. Тврдат дека живее во сиромаштија, иако веруваат дека Григориј истото тоа го мисли за нив. Григориј (Гриша, нагалено на руски) живее во Поинкареовиот модел на хиперболична геометрија, а тој свет е поубав и поинтересен од овој нашиов, евклидовиот. Деновите на земјата кои ни се дадени изминуваат, а животот продолжува да биде поезија на занесениот уметник.
Ширум светот Григориј послужи за потсмев, и тоа претежно на оние кои едвај завршиле и основно. Истите тие кои би му делеле совети и на Ајнштајн, а Тесла би го тепале на улица. Тоа што Перелмановиот алгоритам уште не може да најде примена за изживување на рудиментните нагони, колку и интелектуално тие да би звучеле, тоа само ја открива примитивноста на стапицата со која Перелмановите критичари се обидуваат да го заробат животот.
Математиката не е ствар на мислења, како што ни човекот не е рационално битие. Светските институции би требало да го регулираат правото на „возрасните“ да бидат ирационални и несовесни. Психологијата учи дека, кога се наоѓа објаснување за некоја околност или појава, тогаш се блокира природната тенденција на свеста да продолжи самостојно да делува. На тој начин веќе не се запознаваме себеси, ниту развиваме креативни идеи. Една од мистагошките категории е токму Григориј Перелман, кој реши еден од седуммилениумските проблеми на математиката: тополошкиот проблем според кој секој тридимензионален простор кој е без дупка, повразан и конечен, е всушност еквивалентен на развлечена сфера. Околу осум години работел на решавања на Поинкареовите хипотези, а целата постапка ја објасни на 1.000 страници. Освен што го одби милионот, запаметен е по реченицата: „Ако можете да ги тренирате рацете и нозете, зошто избегнувате да го тренирате мозокот?“.
Ден за берење печурки
Математиката е универзален модел на природата, а природата е сé што знаеме. Уметноста и философијата се засноваат на математиката, додека науката и уметноста во крајна точка се спојуваат. Григориј е руски уметник, љубител на виолини и математичар, кој интелектуално е над монетарниот систем. Само таква личност и можеше да го реши милениумскиот проблем. Паметен и скромен, Перелман би требало да биде пример за „џет-сетот“ кој знае да брои, ама и понатаму на прсти.
Западот, врз суетата на простите луѓе изгради империја. Антипод на макијавелизмот – Русинот Григориј е модерниот Диоген, слободен во секој поглед. Иако е социјален случај, на Перелман му е доволно тоа што го има, додека некому малку би му било и да му го поклонат целиот град.
Овој Русин е роден на 13 јуни 1966 година, а како еден од петте членови на советската екипа, во 1982 година на Меѓународната математичка олимпијада го освои златниот медал. Доктотирал во Санкт Петербург, предавал на неколку американски универзитети, но во 1994 дал отказ на Беркли, во Калифорнија, и се вратил во Русија. Иако го реши Поинкареовиот милениумски проблем, му се пофали само на својот колега. Овој пак, воодушевен од откритието, резултатите ги презентираше на научната јавност. Трустот математички мозоци по долго испитување на неговиот резултат го прогласува бравурозното откритие. Филдсовата награда (еквивалент на Нобеловата), како и CMI признанието во висина од милион долари, Перелман ги одби. Луѓето како Григориј го надрастуваат медиокритетот и секојдневните човечки потреби, па и потребата за пари и слава. Не се појави на церемонијата на доделувато во Мадрид, што се случи за првпат во историјата на оваа награда, со коментар како „баш тој ден морал да оди во шума и да бере печурки“. Сосем логично објаснување на еден гениј.
Перелман накратко прокоментира дека Европското друштво на математичари не е компетентно да ја оценува неговата работа, без оглед на тоа дали оцената е позитивна. Во одвај неколку зборови, на руските медиуми им изјави дека не е заинтересиран за пари, ни за слава, и дека не сака да биде изложен како животно во зоолошка градина. По ова, стана најголема енигма во историјата на американските медиуми, за кои капиталот има ранг на божество.
Сите соби во станот на (мајка му на) Перелман се накрцани со книги и листови. На мојава улица комшиите се жалат дека им смета кога пинг-понг топче тропка на ѕидот. Обичните смртници трчаат по материјални ствари, по пари, слава. Додека луѓето како Григориј се задоволуваат со основните потреби, со императив трагање по тајни. Резултатот од тоа е што сетилните луѓе многу побрзо заминуваат во заборав. Тие како Моцарт, кој во својата 36-та година умрел во најголема беда и кој е погребан со сиромасите, па гробот и денес не му се знае – живеат вечно.
Гениј во едносмерни улици
Перелман не гледаше на своите сопствени интереси, колку на човештвото и на идните поколенија. На некои луѓе просто им е битно да имаат пари за да купат ауди, на главата да стават Реј Бан и да висат по цел ден во некој патетичен кафич. На крајот, зад себе оставаат зборови како: „Излегував, се зезав…“.
Гледањето на нашиве телевизии во најголем број од случаите спаѓа под патологија, а, со оглед на тоа што човекот се претвора во тоа што го гледа, резултатот е еднаков како да сте си пукале во нога. Тоа што Григориј Перелман го направи не можат ни милијарда долари да го купат. Токму од причина што никој не го разбира, тој го разбра и сфати тоа што во последниве 100 години никој го нема сфатено. И најблескавиот ум на сите времиња – Никола Тесла, умре како сиромашен човек. Иако заслужи неколку Нобелови награди, парите ги земаа тие кои ги покрадоа неговите изуми. Зборуваше дека не му е жал што ги крадат неговите идеи, туку што немаат свои.
Човекот кој живее за принципи, а не за пари, го отфрла комодитетот и знае дека постои нешто што е повредно од парите. Нештата се финансиски лимитирани и не постои ствар околу која не може да се преговара. Таквиот вазален однос не се вклопува во концептот на генијот. „Нормалноста“, која ја наметна мнозинството, доведе до тоа нашите „интелектуалци“ денес речиси никогаш да не одбиваат да речеме 200 евра, 200 грама кафе или шише виски. Затоа гениите на нашите простори сé почесто се луѓето чии имиња ги носат едносмерните улици.
И во Русија Григориј често е мета за потсмев. Многу му префрлаат што не ги земал парите и што не ги дал во добротворни цели, заборавајќи дека тој, наместо пари, на идните поколенија на цивилизацијата ѝм остави врвно знаење, потполно бесплатно.
Генијата често имаат проблем во комуникацијата со околината, но затоа тоа го компензираат во некои други аспекти. Баш такви, тие го движат светот. Препознаваат дека темната состојба на умот не ја распознава мислата дека да се биде сиромашен е ствар на избор. Додека да се биде богат значи да се биде човек кој и во потполна самотија се забавува со силата на својот дух и текот на своите мисли. Последното што рускиот гениј го рече за новинарите беше: „Знам како функционира Универзумот. Зошто тогаш би трчал да земам некој си милион долари, кажете ми?“.
Василиј Голијанин, за Хазардер магазин
* * *
PS. Некои руски медиуми шпекулираа дека од 2014-та работи некаде во Шведска. Но никој не знае со сигурност каде е и што прави, барем не јавноста.
PPS. Еве и еден руски документарец, веројатно најдобриот за Перелман, ако не и единствениот. Кликнете на CC за да го активирате преводот (на англиски е).
Има само непрофесионален англиски превод (кликнете на CC за да го активирате).