Најголемиот воен брод во историјата на Велика Британија – носачот „Квин Елизабет“ (HMS Queen Elisabeth), ја чинеше армијата 8 години изградба и 3.1 милијарди фунти.
Арно ама, пропушта вода. Ќе му треба ремонт, велат од британското Министерство за одбрана.
Носачот „Квин Елизабет“ е долг 280 метри, тежи 65.000 тони и е прогласен за најмодерниот воен брод. Во употреба го пушти Кралицата лично пред две недели. Сепак, за време на тестовите се покажа дека има проблем со запечатувањето на трупот во делот кај пропелерите.
Од министерството велат дека знаеле за проблемот уште кога бродот бил предаден. Според британски Sun, трошоците за ремонтот ќе треба да ги покрие бродоградителот.
А бродоградителот е конзорциумот Aircraft Carrier Alliance, во кој се вклучени и големите британски компании BAE Systems, Babcock, и британската подружница на француската Thales. Велат дека ќе го поправат бродот кога ќе застане во Портсмут, и дека тоа нема да му попречи на тестовите и пловидбата.
„Секој брод пропушта вода. Затоа има пумпи“, вели Крис Пари, поранешен член на раководството на Кралските поморски сили. „Кога си купувате нова кола, не сето е идеално. Некогаш треба да ја вратите на сервис и некои нешта да бидат дополнително променети. Проблемот со носачот на авиони е токму во таа категорија“.
Можеби. Но носачот „Квин Елизабет“ пропушта 200 литри вода на секој час. Не сме експерти, ама звучи како многу.
Да знаеја Британците при првото пловење дека го испраќаат на ремонт, можеби и немаше да мафтаат со знаменца.