Најдолгото пристаниште во светот

Крајбрежниот град Прогресо, во мексиканската држава Јукатан, го има најдолгото пристаниште во светот. Изградено од зајакнат бетон, пристаништето се протега низ Мексиканскиот залив во должина од 6.5 километри. Тоа прави да изгледа помалку како пристаниште, а повеќе како мост до некое далечно копно.

Невообичаеното долго пристаниште всушност е неопходно за да можат да се закотвуваат големи бродови, бидејќи брегот на Јукатан е многу плиток. Дното на Јукатанскиот полуостров паѓа под толку мал агол што буквално ви требаат неколку километри за да стигнете до делот каде водата е доволно длабока за да биде погодна за закотвување на товарни и патнички бродови. Патниците се „истовараат“ на крајот на пристаништето, а потоа до брегот и градот стигнуваат со мини-комбиња и такси.

Пристаништето е конструирано меѓу 1937 и 1941 година, со првична должина од 2.1 километри. Претходно имало дрвено пристаниште, изградено на почетокот на минатиот век. Во 1988 се доградени дополнителни 4 километри.

Пристаништето во Прогресо исто така е првата бетонска структура во светот направена со арматура од никел и челик. И покрај релативно лошиот квалитет на употребениот бетон, пристаништето веќе 70 години одолева на суровите морски околности, без некоја голема поправка. За споредба, на 200 метри западно од ова, има уште едно пристаниште изградено 20 години подоцна, кое за разлика од ова 6.5-километарсково е толку пропаднато низ годините, што веќе речиси целосно е исчезнато.

На долниот дел од сликава се гледаат остатоците од 20 години поновото пристаниште.

 

- Реклама -