Најдоброто од „Ig Nobel“ – пародија на Нобеловите награди

Голем број научни истражувања остануваат незабележани од јавноста, додека само мал дел одекнуваат како ехо во научните кругови, дури и по неколку години. Некои, главно поради тоа што се предмет на подбив. На таквите, секоја година им се доделуваат „Ig Nobel“ наградите (доаѓа од „ignoble“ – неблагородни, срамни), своевидна пародија на Нобеловите награди. Вистински нобелови лауреати им ги доделуваат „трофеите“ на најдобрите, но и најсмешни инженерски солуции, научни резултати и студии, што „не можат и не треба да бидат репродуцирани“, или како што вели официјалното мото „истражувања што прво ќе ве насмеат, а потоа ќе ве натераат да размислувате“. Доделувањето на „Ig Nobel“ важи за најлудата ноќ во науката, а манифестацијата вклучува едноминутни излагања на победниците, досадно девојче што ги исвиркува од сцената ако зборуваат предолго, хартиени авиончиња упатени кон говорниците, маски и чудни костуми, хумористични опери во чест на минатите победници и бројни други изненадувања што можат да произлезат само од смислата за хумор на еден научник. Сепак, номинираните се горди на „достигнувањата“ и во најголем дел учествуваат во манифестацијата на свој трошок, бидејќи, како што вели еден од нив, „се што ќе го привлече вниманиете на јавноста кон науката е добредојдено“.

ap_harvard_ig_nobel_awards_ll_120921_wblog

Пред два дена, се одржа 23-тото издание  на манифестацијата, на 12 септември, на универзитетот Харвард во Кембриџ, Масачусетс. Добитниците добија по 10 трилиони долари, но во Зимбабве валута (4 американски долари). Вечерта ја украде добитникот на наградата по психологија, студијата со наслов „Убавината е во окото на оној што го држи пивото“, спроведена од група психолози кои докажаа дека кога луѓето мислат дека се пијани, исто така мислат и дека се попривлечни. Меѓу останатите наградени се и тимот научници што докажа дека колку подолго лежат кравите, има поголеми шанси да станат; и патентот за механичка стапица што ќе ги зароби и исфрли авионските киднапери, но со падобран, без да ги повреди. Целата манифестација можете да ја погледнете тука.

The paper plane target at the 2012 Ig Nobel awards prepares to b

Во продолжение издвојуваме неколку од најдобрите добитници во последните 18 години:

1992 : Pop-up пениси (Уметност)
Доделена на Џим Нолтон за неговиот анатомски постер „Пениси од животинското царство“ и на американскиот Национален Фонд за уметност за поттикнување на pop-up верзија на истиот.

1993: Шансите дека Горбачов е Антихрист (Математика)
Математичкиот статистичар, Роберт В. Фејд, го смири светот со тоа што ги пресмета точните шанси  Михаил Горбачов да биде Антихристот – 710.609.175.188.282.100 наспрема 1.

2000: Левитација на сумо борач (Физика)
Холандски и англиски научници успешно левитираа жаба и сумо борач со помош на магнети. Целта – да се докаже дека немагнетни тела можат да се здобијат со магнетни својства ако се изложат на магнетно поле.

2001: Панталони за тајно „испуштање гасови“ (Биологија)
Бак Вајмер измисли херметичка долна облека со јаглен-филтер, која го неутрализира лошиот мирис на гасовите пред да избегаат во етерот.

2003: Патки со „валкан ум“ (Биологија)
Заслужена награда за човекот кој го објави можеби најчудниот научен труд некогаш: првиот случај на хомосексуална некрофилија снимен кај патка.

2004: Кантри-музиката предизвикува самоубиство (Медицина)
Стивен Стак и Џејмс Гундлак го најдоа одговорот за пренаселеноста на светот и намалувањето на светската популација: многу кантри музика на радио и самоубиствата се зголемуваат.

2005: Пливање низ сируп и вода (Хемија)
Двајца академици го одговорија вечното прашање: „Дали можеме побрзо да пливаме низ вода или низ сируп?“. Одговорот: можеме подеднакво брзо и во двете.

2005: Притисокот на „каките“ (Динамика на флуиди)
Виктор Мејер-Рошов и Џозеф Гал објавија студија насловена „Притисоците произведени кога пингвините какаат – Пресметки на птичја дефекација“.

2006: Изненадувачки лек за икање (Медицина)
Две одделни истражувачки групи, „на непознат начин“, дошле дека изненадувачки прст во задникот може да излечи упорни напади на икање. Единствениот несакан ефект е изразот на шок на кај пациентот во моментот на „терапијата“.

2007: Воени истражувања – „геј-бомба“ (Воздухопловство)
По неколку години во тајност, вистината за американската армија излезе на видило – со години се обидувале да направат бомба која ќе ги претвори непријателите во хомосексуалци.

 

- Реклама -