Едно од најважните искуства при секое патување е вкусувањето на храната во другите земји, уникатна и приготвена по специјални рецепти. Овој аспект на патувањата е уште поважен за вистинските гурмани. Каде би требало да отпатуваат тие?
Италија
Кога патувате во Италија, понесете си облека што ќе ви овозможи да дишете слободно, кога ќе претерате со јадење, бидејќи сигурно ќе претерате. Кој би можел да им одолее на различните рецепти за пица, паста и џелато? Италија е земјата каде што ќе бидете опиени од најразлични вкусови и мириси на извонредната храна.
Германија
Воопшто не е страшно доколку не можете да ги изговорите јадењата што ги нарачувате во Германија. Она што треба да го знаете е дека речиси без исклучок, нивните специјалитети изобилуваат со трите омилени состојки во оваа студена земја: месо, месо и месо. А, за секој различно приготвен вид месо имате на располагање по најмалку еден вид пиво, за вистинско уживање.
Франција
Франција ќе ви понуди огромен асортиман на колачи и торти и исто толку видови сирења и кашкавали кои одлично одат со вкусните вина. Не заборавајте да влезете во некоја од малите пекарници и да си купите тукушто испечен багет или некое француско печиво, но не пропуштајте да ги вкусите ниту минијатурните капучина по кои се познати нивните кафулиња.
Турција
Иако голем дел од турските специјалитети се длабоко врежани и во македонската традиција, сепак има нешто посебно кога ги пробувате во автентична атмосфера, приготвени по оригинален рецепт. Ништо не може да се спореди со најпознатите турски јадења (ќебапи, мезе, ѓозлеме, баклава, кадаиф итн.) вкусени на некоја убава локација во Истанбул.
Австрија
Во најголема мера, австриската кујна е всушност виенска кујна, која е позната во целиот свет. Кога ќе го посетите главниот град на оваа прекрасна земја, не смеете да ги пропуштите: виенската шницла, виенскиот колбас, апфел штрудлата, захер тортата итн.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk