Зарем не е чудно како можете да понудите мудар совет на вашиот пријател кога се расправа со неговиот парнтер, но кога станува збор за проблемите во вашата врска, станувате помалку рационални?
Тоа може да биде затоа што луѓето кои ментално се дистанцираат себеси од ситуацијата (нивната или на друго лице) се подобри во размислувањето околу проблемот, според новото истражување објавено во списанието Psychological Science.
Истражувачите регрутирале околу 700 луѓе за студија во три дела. Во првата фаза, учесниците биле поделени во групи и им било побарано да опишат како би се справиле со одредена ситуација (на пример неверство на партнерот) од различни перспективи. Некои биле запрашани да го анализираат овој замислен настан како да им се случил на нив или на пријател, гледано од перспектива на прво лице („зошто се чувствувам на овој начин?“) или од перспектива на трето лице („зошто тој/таа се чувствува на овој начин?“). Целта била да се види кој начин на размислување ќе ги натера луѓето да запрат и навистина да размислат за проблемот, наместо да постапуваат нерационално.
И излегува, луѓето направиле порационални (и помудри) одлуки кога го гледале проблемот од перспектива на трето лице, без разлика дали анализирале сопствен проблем или на пријател. Дури и со обраќањето на себеси како „таа“ наместо „јас“ се добива подобра перспектива.
Оваа техника може да се примени на голем број аргументи или проблеми во врската- од поголеми проблеми од типот на неверство до помалите како задоцнување на состанок.
„Една хипотеза е дека кога сте во можност да се дистанцирате себеси од ситуацијата или проблемот, подобро ќе можете да ја видите „големата слика“,“ вели лидерот на истражувањето д-р Игор Гросман, професор по психологија на Универзитетот на Ватерло во Канада.
Секако, можеби ќе потрае подолго за да ги разгледате потенцијалните „што ако ова или она“, но на крај, тоа ќе ви помогне да го решите конфликтот на помудар и порационален начин.