По дадени насоки на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден е пронајден вториот мобилен телефон на јавниот обвинител по кој се трагаше, соопшти Обвинителството, алудирајќи на телефонот на специјалната јавна обвинителка кој наводно беше „изгубен“, па Обвинителството не успеа да го заплени. Тоа го потврдуваат и во соопштението.
„По издавање на првата наредба за одземање на мобилните телефони, беше пронајден само еден мобилен телефон и беше дадена информација дека вториот мобилен телефон бил изгубен.
Обвинителството, со издадено барање до мобилните оператори за следење на IMEI- меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице, по што со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок“, велат од Обвинителството.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во континуитет ги преземеа сите дејствија и мерки во насока на целосно расчистување на кривичноправниот предмет. Со цел утврдување на натамошни факти, мобилниот телефон по наредба на Обвинителството ќе биде предмет на вештачење. Истовремено, Обвинителството испитува дали вториот мобилен телефон бил средство на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО)“, стои во соопштението.
Како што пишува „Дојче веле“, едно од нештата што сега Обвинителството ќе треба да ги утврди е и тоа кога бил „изгубен“ вториот телефон на Јанева – дали многу пред да биде обелоденет случајот „Рекет“, или непосредно во деновите откако скандалот одекна во јавноста.