Од пластични шишиња, преку разни искористени амбалажи, до кравјиот измет што ги гнаси улиците на големите индиски градови како Делхи – Индија има голем проблем со отпадот и загадувањето. Индиското село Mawlynnong, пак, е како од паралелен универзум. Неговите жители имаат нула толеранција за ѓубре и вложуваат многу време и напор за секое ќоше од нивното село да биде перфектно чисто.
Светот прв пат слушна за Mawlynnong во 2003-та, кога новинар од Discover Magazine го нарече „најчистото село во Азија“. Откако новинарот слушнал дека во Индија постои село каде сите, од најмладо до најстаро, се посветени на одржување на тотална чистота, решил да истражи. За време на неговиот престој таму е страшно импресиониран, и освен што се уверува во гласините, се уверува и дека Mawlynnong навистина го заслужува таквото признание.
Неговата статија го привлече светското внимание кон заедницата од околу 600 луѓе од индиската држава Мегалаја, а луѓе од целиот свет почнаа да го посетуваат селото за со свои очи и сетила да ја искусат педантноста.
Можеби звучи како маркетинг трик за привлекување туристи, ама ништо не ни дава за право да го сведеме Mawlynnong на таква баналност. Се работи за вистинска опсесија со чистота, а екологијата им е врвен приоритет на сите во селото. Традицијата е постара дури и од најстарото сеќавање на најстарите жители. Се смета дека почнала пред околу 130 години, поради епидемија на колера. Чистотата била „охрабрувана“ како начин да се сопре ширењето на болеста. Друга теорија е дека ова е резултат на матрилинеарното уредување на локалната Khasi заедница – во кое потеклото на поколенијата се бележи според мајката, а не според таткото. Доминантната улога на жените, се смета, е главен двигател за чистота и санитација. Која и да е точната верзија (а може и да е комбинација од двете), едно е важно – традицијата на чистота во Mawlynnong се пренесува од колено на колено со генерации и генерации.
Но, ајде да видиме колку е тоа „чисто“. Краткиот одговор е – многу чисто. Чисто како звукот на стаклена чаша кога ја миете со сунѓер. Се постигнува со многу едноставен систем; имено, секое утро, пред да одат на училиште, сите деца од селото земаат метли и лопатки и ги чистат улиците од прав и паднати листови, друго ѓубре баш и нема. Нивна одговорност е и да ги испразнат кантите за ѓубре (кои всушност се кошници од бамбус), но и да го одделат отпадот на органска материја, реупотреблива пластика и отпад за горење.
Собраните листови се закопуваат во голема јама и се претвораат во ѓубриво, најголемиот дел од пластиката се реупотребува во рамките на заедницата, а остатокот од отпадот се гори некаде на маргините на селото. Притоа не зборуваме за голема количина пластика; пушењето и пластиката се забранети во Mawlynnong, па главно доаѓа од туристите кои ја фрлаат во корпите за ѓубре. Дури и кога туристите се неодговорни и загадуваат (т.е. фрлаат ѓубре каде што не треба), локалните не реагираат бурно како што ние би очекувале, ниту пак ги прекоруваат туристите. Едноставно го собираат ѓубрето по нив, погрижувајќи се селото да им остане во првобитната состојба – комплетно чисто.
Во споредба со другите индиски села, Mawlynnong ужива и одредени „привилегии“ кои му помагаат да биде чисто. Едно е од малкуте села во кои секое семејство има тоалет во својот дом, па дефекацијата на отворено и септичките јами не им се на листата на проблеми. Од друга страна, целото село се потпира речиси исклучиво на соларна енергија, а има задолжено и цели тимови на градинари чија задача е цвеќињата и другата вегетација крај патиштата и алеите да бидат добро згрижени.
Не се само јавните површини на селото неверојатно чисти и уредни. Такви се и домовите на луѓето, речиси без исклучоци. Едноставно речено, културата на чистота е длабоко врежана во сé и секој што живее во Mawlynnong.