„Ете денес ми стигнаа две решенија со кои Комисијата за прекршоци при МВР утврдува дека сум одговорна за фрлање боја на објекти на државата и ме задолжува да платам 200 евра. Тоа е онаа комисија која е под надлежност на теологот министер за внатрешни работи кој дојде на власт како резултат на Шарената револуција чиј дел бев и јас, а која што се состоеше токму во фрлање боја на институциите запоседнати од страна на режимот на Груевски со цел избегнување било кој облик на насилство“, се пожали денеска професорката и активист за човекови права Мирјана Најчевска на својот Фејсбук профил. Според неа, се работи за обид да биде замолчена и да престане да ја критикува актуелната, како што ја критикува и секоја друга власт.
„Имам намера да го оспорам Решението пред Управен суд, да поведам постапка за дискриминација и да му плукнам на Заев и на неговиот потрчко-теолог кој го поставил за министер за внатрешни работи под прозор“, порача Најчевска и ги повика „другарчињата од Шарената револуција кои во моментов топлат фотељчиња во власта“ да преземат нешто со цел да се запре со понатамошната, како што вели, виктимизација на учесниците во Шарената револуција кои не ги сместија задниците во фотељите во власта.
„ЈАС ОВА ГО РАЗБИРАМ КАКО ОБИД ДА БИДАМ ЗАМОЛЧЕНА, КАКО ОБИД ДА ЗАПРАМ СО КРИТИКА НА БИЛО КОЈ КОЈ СЕ НАОЃА НА ВЛАСТ И ОБИД ДА БИДЕ УНИШТЕН ГЛАСОТ НА ОНИЕ НЕЗАВИСНИТЕ КОИ НЕ ПРИПАЃААТ НА НИТУ ЕДНА ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА.
ВЛАСТА КОЈА НЕ ТРПИ КРИТИКА Е МРТВА И НЕМА НИКАКВА ИДНИНА“, порача професорката.