Меѓународен тим на научници ја откриле ѕвездата со досега најбрза забележана ротација. Ѕвездата се врти околу својата оска со брзина од 600 километри во секунда на екваторот, толку брзо што се самоуништува поради центрифугалната сила. Откритието било направено од обсерваторија во Чиле каде што е во тек студија на најтешката и најсветла ѕвеза во регионот на маглината Тарантула.
Маглината Тарантула е регион во кој се формираат ѕвезди и кој се наоѓа на околу 160.000 светлосни години од Земјата во соседна галаксија позната како Големиот Магелански Облак. Ѕвездата, VFTS 102, е екстремно жешка и испушта 100.000 пати повеќе светлина од Сонцето. Според тимот истражувачи оваа ѕвезда имала насилно минато и била исфрлена од двоен ѕвезден систем кога нејзиниот придружник експлодирал. Ѕвездата била набљудувана со Многу Голем Телескоп на Европската Јужна Обсерваторија сместен во Паранал обсерваторијата во Чиле.
Научниците објасниле дека ѕвездата, преку интеракција со друга ѕвезда во нејзината околина, постигнала толку брза ротација што гравитацијата го отстранува гасот од нејзината површина. „Овој гас оди кај другата ѕвезда со што ја зголемува нејзината маса и ја забрзува“ изјавил астрофизичарот Матео Кантиељо. „Исто како и топка која се врти брзо ако ја удрите под агол и оваа ѕвезда ротира побрзо откако гасот ја удира под агол.“ Откритието потврдува хипотеза на господин Кантиељо, направена во 2007 година, дека ѕвезди во бинарен систем би ротирале со голема брзина по размена на гас.
Ѕвездата е необична не само бидејќи ротира толку брзо туку и бидејќи се оддалечува од соседните ѕвезди со брзина од околу 30 километри во секунда. „Ова би можело да биде објаснето со фактот што таа припаѓала на бинарен систем. Повеќе од 40 години знаеме дека ѕвезда во масивен бинарен систем може да биде исфрлена од својата средина кога нејзиниот придружник ќе заврши со спектакуларна експлозија позната како супернова. Во нашите теоретски пресметки забележавме дека „забрзаната“ ѕвезда би се оддалечувала од својата околина со голема брзина.“
„Возбудливо е да се најде ѕвезда која се совпаѓа со двете предвидувања.“ Ѕвездата се наоѓа во близина на пулсар и остаток од супернова. Овој остаток би можел да биде од придружникот кој ја забрзал забележаната ѕвезда. Господин Кантиељо додал дека оваа ѕвезда би можела да создаде драматичен „огномет“ додека умира, со експлозии на гама зраци. Масивна ѕвезда која ротира толку брзо создава моќни експлозии на светлина и материја. [Cosmic merry-go-round: Scientists discover fastest-rotating massive star ever recorded]