Најбогатото германско семејство донира 10 милиони евра како извинување за својата нацистичка историја

Семејството Рајман, едно од најбогатите германски бизнис семејства, во периодот на нацистичкото владеење несебично ги поддржувало нацистите и донирало значајни суми за нацистичката партија во 1931 година, периодот пред Хитлер да дојде на власт. Покрај тоа, семејството користело и присилна работна сила (читај: робови), објави германскиот „Bild am Sonntag“.

Весникот објави документи кои покажуваат дека таткото и синот Алберт Рајман сениор и Алберт Рајнер јуниор користеле руски цивили и француски воени заробеници како присилни работници во нивните фабрики. Преку разни договори склучени со нацистите, семејството дополнително заработило големи суми од војната.

Наследниците ги потврдија информациите објавени во весникот како „точни“. Тие порачуваат дека се засрамени и дека никогаш не зборувале за своето семејно минато, но признаваат дека според доказите за споменатиот син и татко, кои починале во 1954 и 1984 година, тие заслужиле затвор. „Овие криминали се одвратни“, порача Петер Харф – еден од раководителите на JAB Holding, компанија која е во сопственост на семејството, откако семејството најмило историчар да ја истражи нивната семејна историја во периодот на нацизмот.

„Ние сме бизнис на чисто Ариевско семејство со повеќе од 100 години историја. Сопствениците се силни поддржувачи на расната теорија“, напишал во 1937 година Рајман Хајнрих Химлер.

Во соопштението, наследниците на Рајман додаваат дека им олеснило што вистината конечно излегла на виделина. Во знак на своевидно „извинување“, тие ветија дека ќе подарат 10 милиони евра во добротворни цели, конкретно на една од организациите кои работат на ублажување на последиците од криминалите и злосторствата на нацистичкиот режим.

Семејството Рајман, инаку, поседува неколку светски познати брендови, како Jacobs, Calgon, Wella и други. Вкупното богатство на семејството се проценува на околу 33 милијарди евра.

 

- Реклама -