Нагорно-Карабах: Најмалку 25 загинати во воената кампања на Азербејџан

Бројот на загинати во Нагорно-Карабах се искачи на повеќе од дваесетина откако Азербејџан почна „антитерористички“ операции во спорниот регион на Јужен Кавказ, соопштија вечерва локалните власти.

Гегам Степанјан, омбудсман за права на локалната администрација, во објава на социјалните мрежи рече дека имало 25 жртви, од кои двајца биле цивили, јави ДПА.

Бројката доаѓа од мртовечницата во Степанакерт, најголемиот град во Нагорно-Карабах, рече тој.

Повредени се 138 лица, меѓу кои 29 се цивили, напиша Степанјан, додавајќи дека цивилното население од шест заедници е евакуирано поради гранатирањето на азербејџанските сили.

Азербејџан денеска почна широка воена операција против спорниот регион Нагорно-Карабах со наводна цел да ги казни прекршувањата на примирјето и да го врати „уставниот поредок“ во регионот.

Нагорно-Карабах се наоѓа на територијата на Азербејџан, но е населен со мнозинство Ерменци. Има и локална власт, непризнатата Република Арцах.

Министерството за одбрана во Азербејџан ја опиша својата воена кампања како „антитерористичка операција“ која ќе продолжи до повлекување на ерменските трупи од територијата, како што беше пропишано во прекинот на огнот по последната војна во Нагорно-Карабах во 2020 година.

МИА

- Реклама -