Еквадор неодамна се откажа од својот план со кој требаше да се соберат средства за државата, со цел да се спречи дупчењето за нафта во претходно недопрените делови од националниот парк „Јасуни“ во амазонската прашума. Оваа практика се изведува од страна на богатите земји, и тоа во делови од паркот кој се протега на површина од 10.000 квадратни километри.
Еквадорскиот претседател Рафаел Kореја изјави дека богатите нации не ја поддржале иницијативата, не оставајќи и на земјата друг избор освен да продолжи во потрага по нафта.
Со планот што Kореја го иницира во 2007 година со поддршка од ОН требаше да се привлечат донации во вредност од околу 3,6 милијарди долари, што е 50 отсто од вредноста на нафтеното поле „Ишпинго-Тамбокока-Типутини“ (ИТТ) во паркот, во период од 13 години. Но во телевизиското обраќање во Kореја рече дека иницијативата привлекла само мал процент од посакуваните средства, па досега се собрани само 13 милиони долари.
„Светот не изневери. Сведоци сме на огромно лицемерие и тоа лицемерие на нации кои најмногу ја загадуваат околината и имаат најголеми емисии на гасови. Не бараме милостина од светот, туку да ја сподели одговорноста во моменти кога сме соочени со климатски промени“, истакна претседателот на Еквадор.
Нафтата е главен извозен продукт на Еквадор, а се очекува експлоатацијата на новото поле да почне во следните неколку недели.
Иако Kореја нагласи дека дупчењето за нафта ќе засегне помалку од еден отсто од паркот, активистите за заштита на животната средина организираа протест пред претседателската палата во Kито по соопштението. Според „Јасуни-ИТТ“, повеќе од 78 отсто од Еквадорците се противат на плановите за дупчење во паркот, во кој живеат и многу домородечки заедници, вклучувајќи ги племињата Тагаери и Тароменане.
„Ова беше револуционерна идеја, совршена логика. Идејата требаше да донесе суштинска промена во начинот на управување со природни ресурси и борбата против климатските промени. Беше предвиден тренсфер на ресурсите од најбогатите држави, кои се и најголеми загадувачи, во сиромашните земји. Меѓутоа, се случи спротивното, а тоа затоа што САД, Велика Британија и други можат непречено и без никакви надокнадувања да ги користат добрата кои Амазон ги создава за сите нас, па затоа не чувствуваат потреба било што да дадат“, изјави Рафаел Кореја, пред една година.
Јасуни – Најголемиот резерват на биосфера
Националниот парк „Јасуни“, кој е претежно прашума, е на 250 км од еквадорската престолнина Kито и во 1989 година беше означен од УНЕСKО како Резерват на биосферата.
Паркот е на територијата на племето Хуаорани, се протега на речиси 10.000 квадратни километри и е дом на повеќе индијански племиња и на широк спектар ендемски видови птици, мајмуни и водоземци. Во паркот живеат повеќе видови водоземци отколку во САД и во Kанада заедно.
Еден хектар од паркот Јасуни содржи повеќе од три вида дрвја карактеристични за цела Северна Америка.
Според процените на научниците, нафтеното поле во Јасуни содржи околу 846 милиони барели сурова нафта, што претставува 20 отсто од нафтените резерви на Еквадор.