Над 2.000 вработени кои седат дома и земаат плата нема да добијат и К-15

Околу 17.700 административци годинава ќе земат К-15, а над 2.000 рамковни вработени кои со години седат дома и земаат плата, министерот Манчевски тврди – лично ќе се погрижи да не го добијат. Според него време е да се повлече граница и дека не може да чекаат до недоглед нивно прераспределување, но конкретни мерки за нив најави за после изборите.

Апсолутно ќе се погрижам да не важи за нив колку и да е од колективниот договор можеби така вика, ќе најдеме формулација заедно со синдикатот и со надлежните институции да не важи за овие луѓе, нормално ќе важи ако прифатат распределба на ново работно место, вели Манчевски.
Реакциите во јавноста дека прво требаше реформа на администрацијата па потоа награди, Манчевски ги правдаше со тоа што им било одземено на овие административци со антикризните мерки од 2011 година. А реакциите од синдикатите дека К-15 ќе нема за вработените во образование, здравство, труд, одбрана, рече дека тие добиле покачувања на платите што е далеку поголемо од регресот. Потпишување пак Општ колективен договор за јавен сектор, најави за после избори.

Манчевски тврди дека административците не добиле многу, туку дел од правата кои ги имаат и вработените во приватниот сектор.

Факт е дека некои од овие права вработените во приватниот сектор ги имаат. Основното право за дневница кога се оди на пат во државата се има. Сумата која што е утврдена е помала од таа што ја добиваат вработените во приватниот сектор и тоа не фер, вели министерот.
Ги повика работниците од приватниот сектор кои не добиле К-15 да пријават, за да можат институциите да реагираат.

Претседателот пак на УПОЗ, Грујовски рече дека некој лепи етикети на администрацијата дека е нефикасна, а таму има многу вредни работници кои треба да се наградуваат.

Без оглед што се обидуваат, посебно приватниот сектор да наметнат етикети дека се работи за неефикасна јавна администрација, напротив би ги демантирал, секаде има неработници во сите установии така е и во администрацијата. По ништо не се разликува администрацијата од вкупниот амбиент во државата, изјави Грујовски.
Инаку покрај поголеми права, К-15 од минимум 9.000 денари до крајот на годинава ќе земат вработени државната управа, министерствата, судовите, обвинителствата, општините, агенциите, фондовите. Дел од потребните 2,5 милиони евра се обезбедени, а другиот дел ќе се обезбедат со ребаланс на буџетот.

- Реклама -