Набавуваме 500.000 вакцини од „Синовак“ зашто само од „Синовак“ можеле да се набават 500.000 вакцини, вели Филипче

Зошто државата набавува 500.000 дози од кинеската вакцина „Синовак“, кога ефикасноста на истата, според истражувањата, е нешто над 50%? 

На ова прашање, министерот за здравство Венко Филипче реагира дека ефикасноста на вакцината на „Синовак“ е многу поголема од тоа, односно дека изнесува над 70%.

Сепак, тој „признава“ дека вакцината на „Синовак“ ја набавуваме во толку голема количина затоа што таа била единствената вакцина која можела да биде набавена во толкава количина за толку кратко време.

„Побарувачката е голема, а ние сакаме пред летните месеци да вакцинираме што поголем број граѓани“, потенцираше министерот.

Европската агенција за лекови (ЕМА) пред неколку дена соопшти дека започна тестирање на кинеската вакцина „Синовак“ против ковид-19, врз основа на претходните тестови кои покажаа дека произведува имунолошки одговор против коронавирусот. Во моментов, оваа вакцината е одобрена за употреба во Кина, Индонезија, Бразил и Турција. На почетокот на април, производителот објави дека отвора трета фабрика со што двојно го зголемува капацитетот на производство – на две милијарди дози годишно. Според компанијата, 200 милиони дози се веќе испратени низ целиот свет, посочува „360 степени“.

Во моментов, во државата е во тек имунизација со вакцината на кинеската „Синофарм“. Со неа завчера се вакцинираше премиерот Зоран Заев, а вчера и самиот Филипче. Министерот за здравство уште еднаш истакна дека сите вакцини се безбедни и апелираше граѓаните да се пријават на vakcinacija.mk и да се вакцинираат во што поголем број.

Прочитајте и:  Филипче: Нема да дозволиме враќање на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури
- Реклама -