Веста дека Собранието склучило договор за набавка на 100 преносни компјутери од моделот HP EliteBook 735 G6 Notebook PC, по цена од 917 евра (56.445 денари) од парче (според набавката), и тоа во време на економска корона-криза која допрва може и да се влоши, а деца не можат да следат настава бидејќи немаат соодветен уред, како бомба одекна на социјалните мрежи.
Како што објави „360 степени“, договорот е склучен со „Неоком“ и во него пишува дека средставата се добиени преку „Договорот за реализирање на финансискиот придонес во рамките на Програмата за поддршка на парламентот“. Од Собранието посочиле дека се работи за донација, но без повеќе детали.
Граѓаните, запрепастени од ваквото „неодговорно трошење“, разбирливо, веднаш реагираа. Од Собранието, меѓутоа, смируваат. Во одговор до „Плусинфо“, оттаму посочуваат дека за лаптопите нема да се потрошат буџетски пари, како и дека овие новонабавени 100 не се за пратениците:
„Набавката на преносните компјутери се дел од програмата за поддршка на Собранието од Швајцарија. Тие се донација и за нив нема да се потрошат буџетски пари. Во цената на лаптопите не е вклучен ДДВ, бидејќи се донација. Пратениците имаат лаптопи кои им следуваат од буџетски пари. Лаптопите се за службите во Собранието“, се вели во одговорот.
Дел од корисниците на Твитер потсетија дека се работи за проект договорен уште во 2018 година, и со тоа за наменска донација која не може да биде пренаменета, упатувајќи на тогашните објави во медиумите (линк1, линк2) за швајцарската поддршка за Собранието. Проектот е наведен и на официјалниот сајт на Собранието (ЛИНК).