Злоупотреба на деца, смрт, загадување и болести – сé е тоа секојдневие на рударите кои копаат кобалт на наоѓалиштата во Конго.
Кобалтот е најскапата суровина неопходна за производство на батерии за паметни телефони, лаптопи и електрични автомобили. Околу 100.000 рудари ископуваат кобалт во Конго, меѓу кои и деца. Овие луѓе работат во опасни услови, а немаат ни заштитен шлем, пишува Вашингтон Пост.
Кобалтот се ископува длабоко под земјата, а рударите користат рачни, а не индустриски алати. За тоа сведочат самите работници, а го потврдуваат и официјалните лица, како и доказите кои Вашингтон Пост ги најде при посетата на одалечените рудници.
Рударите работат и ден и ноќ, а спијат во подземни тунели. Редовно има смртни случаи, но според рударите, свое место во ретките локални медиуми наоѓаат само вестите за масовен број жртви.
Притоа е доведена во прашање желбата и подготвеноста на корпорациите да го забележат кршењето на човечките права и злоупотребата на детскиот труд во своите ланци на снабдување. Тие тврдат дека е така, но истовремено не контролираат од каде доаѓа кобалтот кој го користат.
А Конго е една од најсиромашните земји на светот, но истовремено и едно од најбогатите наоѓалишта на минерали. За нејзините природни богатства зборува фактот што еден научник ја нарече земјата „геолошки скандал“.
Рударите ги снабдуваат големите компании, како што е кинеската „Kongo Dong Feng International mining“, која со години пак ги снабдува светските производители на литиум-јонски батерии, кои ги има во апаратите како што е iPhone-от на Apple. Претседателот на компанија, која патем работи во Конго цеча деценија – Чен Хонг Лианг, признава дека компанијата никогаш не испитала како се набавуваат нејзините минерали. „Тоа е наш пропуст“, рече Чен во интервју, кога прв пат јавно ја коментираше оваа тема.
Од Apple потврдуваат дека во нивните батерии има кобалт од Конго, и најавија дека ќе го зголемат надзорот над набавката на материјалот. Од Samsung SDI – голем производител на батерии, велат дека користат кобалт од африканските земји, но дека не го набавуваат од големите кинески компании.
Официјалните лица во Конго велат дека владата е пресиромашна за да може да се избори со овој проблем. Од друга страна, компаниите тешко дека ќе ја напуштат земјата, бидејќи – како што пишува Вашингтон Пост, „на светот му треба тоа што Конго го има“. А Конго има околу 60% од глобалниот пазар на кобалт, исто како што има и долга историја од странска експлоатација на нејзините природни ресурси.